Снегот во струмичко уништи стотина оранжерии кои земјоделците ги подготвуваа за сеидба и отпочнување на раноградинарската сезона. Најпогодeни се земјоделците од населените места Куклиш, Бориево и Моноспитово чии оранжерии не ја издржаа на снежната покривка од 15-тина сантиметри, па конструкциите со полиетиленските платна и системите капка по капка се уништени. Дине Дрвошанов од Куклиш вели дека пред негови очи паѓала целата оранжерија од три декари која ја градел на кредит.
„Тоа беше на Водици. Дојдовме со татко ми да го расчистуваме снегот што паѓаше до раните утрински часови, но само што дојдовме, почна да пука железната конструкција, да се кине фолијата и полека да се руши. Беше страшно. Отиде мојот петгодишен труд да ја направам оваа оранжерија. Штетата е огромна, околу 20 илјади евра. Не знам каде сега да ги засадам доматите“, низ плач објаснуваше Дрвошанов кому оранжеријата не му беше осигурана.
Истата судбина ја споделуваа и останатите раноградинари од ова село. Тврдат дека нема оранжерија со полиетиленски платна во Куклиш што не е оштетена.
„Сега нека дојдат големите и да видат, а не само на избори да нè посетуваат. Имаме реални проблеми. Расадот е готов, а отидоа оранжериите што требаше да ги засадиме. Нека дојде некој од министерството да види која е нашата мака. Мене две оранжерии ми се уништени. Сега како ќе живееме“ вели Стојан Стојков од Куклиш.
Од здружението „Кукла“ велат дека околу 300 хектари под пластеници се уништени од снегот што паѓаше на Водици и мора да се најде начин да им се помогне на раноградинарите кои претрпеа штети и од ниските температури кои предизвикаа измрзнување на пролетната зелка, но и кај расадот.