Дивиот растителен свет во Преспа е контаминиран со 19 различни пестициди, најмногу има во околината на Претор и Ресен, соопшти Македонското еколошко друштво (МЕД). Од сите анализирани пестициди, со најголема концентрација се издвојуваат aцетамиприд, mириметанил и pираклостробин, во чии упатства пишува дека се користат и за третман на овошни насади.
Податоците се од истражувањето во рамки на Програмата за поддршка на млади еколози „Д-р Љупчо Меловски“ на Македонското еколошко друштво, спроведено од тим истражувачи од Фармацевтскиот факултет во Скопје, предводен од студентката Јована Данова и под менторство на проф. д-р Крсте Ташев.
Истражувањето беше спроведено за да се утврди дали постои секундарна контаминација со пестициди на диворастечката флора во Преспанскиот Регион, вклучувајќи го и островот Голем Град. Се истражуваше во пролет и есен, при што беа собрани примероци од различни локации околу Преспанското Езеро со различна оддалеченост од земјоделски насади. Во пролет беа идентификувани 10, а во есен 12 пестициди.
„Ова истражување ги дава првите резултати на оваа тема и ја потенцира потребата од понатамошни сеопфатни испитувања со цел да се заштити здравјето на дивите растенија, животните, но и на луѓето“, соопштија од Македонското еколошко друштво.
Кај примероците од крајбрежјето во близина на Стење, како и кај оние од островот Голем Град, не беше детектирано присуство на траги од пестициди.
Ж. ЗДРАВКОВСКА



