Центарот за развој на Источно-планскиот регион (ИПР) обезбеди 400.000 евра за реализација на четири проекти преку Програмата за рамномерен регионален развој за 2025 година. Проектите, кои опфаќаат речиси сите општини во регионот, треба да бидат завршени до крајот на годинава.
Според директорот на Центарот на ИПР, Трајче Здравков, меѓу проектите е и првата фаза за изградба на ски-центар на Царев Врв на Осоговските Планини. За оваа фаза, која вклучува ревизија и дополнување на постојната физибилити студија и изработка на идеен проект, одобрени се 145.000 евра од Министерството за земјоделство и водостопанство.
„Овој проект произлезе од претходна студија финансирана од Програмата за прекугранична соработка, која покажа дека Царев Врв има одлични услови за развој на планински туризам. Планирани се и нови пристапни патишта до излетничките места“, изјави Здравков.
Друг значаен проект е унапредувањето на заштитата на животната средина, за што се обезбедени 135.000 евра од Министерството за локална самоуправа. Во оваа фаза, општините Чешиново-Облешево и Штип ќе добијат нови специјални возила за собирање смет и одржување на јавната хигиена.
Во образованието ќе се инвестира преку два проекти. Со 80.000 евра ќе се изврши доградба и реконструкција на основното училиште „Синиша Стоилов“ во Зрновци, каде што ќе се постави нов кров, термоизолациона фасада и ќе се опреми сензорна соба за лица со посебни потреби.
Дополнително, со 42.000 евра ќе се подобрат условите во основните училишта во девет други општини од регионот. Предвидена е набавка на 38 интерактивни табли и 42 сада за селектирање отпад во подрачните училишта.
Т. ЈОВАНОВСКИ