Се рушат табуата меѓу учениците за уписот во средните стручни училишта, се поголем е бројот на средношколци кои посетуваат дуално образование. Од година во година, за сите изминати 13 години откако е воведено, се зголемува интересот за него, кажа Антони Пешев, извршен директор на Стопанската комора на Македонија (СКМ), кој заедно со министерката за образование и наука Весна Јаневска, швајцарската амбасадорка Вероник Улман и тим лидерот на проектот „Образование за вработување“ Курт Вутрих ја посетија компанијата „Ронтис“ во Велес.
Пешев рече дека со дуалното образование се создаваат стручни кадри кои не чекаат работа во Агенцијата за вработување, туку за кратко време се работно ангажирани.
„Проектот за дуално образоваение има практична вредност. Се скрши големата бариера која ја имаше во семејството дека да се прати детето во некое средно стручно училиште е стигма. Со ова дуално образование децата веднаш по завршувањето на средното образование наоѓаат работа. Во последните пет години, од 10 компании кои активно беа вклучени, дојдовме до бројка од 500 компании во Македонија. Тоа зборува дека проектот има широк одѕив“, рече Пешев.
До зголемениот интерес за дуалното образование е дојдено со ангажман на Министерството за образование, Стопанската комора, поддршка од швајцарската амбасада, делегацијата на ЕУ, и училиштата.
„Проектот образование за вработување го спроведуваме со нашите партнери и тој е успешен. Веќе побаравме од Општините да достават информации за потребите на компаниите на нивна територија за вработување, за да знаеме кој профил се бара и да овозможиме образование според потребите, вработување на младите да не заминуваат од земјата“, рече Јаневска.
Учениците кои посетуваат дуална настава добиваат по 3.500 денари месечно во текот на учебната година, средства од Министерството за образование. Има компании кои дополнително ги наградуваат овие ученици, како швајцарската „Ронтис“ која има фабрика во Велес.
„Освен стипендија од Министерството, учениците кои посетуваат дуална настава и работат во нашата компанија, добиваат дополнителна стипендија. Тоа е солиден допринос кој им овозможува да добиваат средства и да бидат мотивирани за и натаму да продолжат да работат кај нас. Во ваква ситуација, добивме неочекуван пресврт. Кога започнаа првите ученици да доаѓаат тука, тие јавно кажуваа дека сакаат да заминат од земјава, животниот пат да го продолжат во странство. Денес сакаат да останат, да го продолжат животот со вработување во ‘Ронтис’“, рече Бојана Димовска, директорка на „Ронтис“ Велес.
Bо Македонија има 62 училишта каде се спроведува дуално образование со 235 паралелки, а четири илјади ученици се вклучени во овој процес.
„Благодарејќи на соработката со бизнис секторот, со три странски инвестиции каде учениците реализираат дуално образование, добивме грант од Ориџинал челинџ фондот во висина од 500.000 евра. Со овие средства започна реконструкција на машинската работилница, набавка на дидактички материјали“, рече Весна Богоевска, директорка на средното училиште „Коле Неделковски“ од Велес.
П. ПЕЧКОВ