Влезницата за локалитетот Плаошник во Охрид е за дури 50 отсто поевтина ако се купи голема свеќа, бидејќи наплатувачот така своеволно проценува дека посетителот негува длабоки и искрени чувства кон светителите во храмот. Таквите посетители наместо 100, плаќаат 50 денари. На ваквиот однос, што го сметаат за дискриминаторски, реагираат лиценцирани водичи на странски туристи.
„Јас сум лиценциран водич на холандски јазик и најчесто работам во Охрид и веќе неколку години ме изненадуваат дрскоста и надменоста на вработените кои наплаќаат влезници за Плаошник. Група туристи од Бугарија влегува со влезници од по 50 денари, а поголема, моја група Холанѓани плаќа по 100 денари. На мое прашање зошто е тоа така, добивам одговор дека Бугарите биле православни верници и најверојатно купувале повеќе работи во црквата отколку другите, во случајов, холандските туристи, што неколку пати се покажало како неточно. Археолошките ископини се исти за сите и црквата е посетена од луѓе од цел свет, зарем не е срамота што самите туристи мора да се сведоци на ваква дискриминаторска политика“, вели во својата реакција овој лиценциран водич.
Од Завод и Музеј во Охрид велат дека тие веќе со години не ги одредуваат цените на влезниците на Плаошник, туку тој е во надлежност на МПЦ.
„Ние немаме никакви ингеренции во однос на наплатата на влезници на Плаошник. Од пред неколку години тој локалитет е под надлежност на МПЦ. Прашајте ги нив”, кусо ни изјави в. д. директорката Данијела Недељковиќ.
Во Дебарско-Кичевската епархија велат дека можеби имало такви случаи, но од кај нив нема никаква препорака на некои верници да им се наплаќа поевтина влезница.
„Ние не правиме разлика помеѓу верниците и немаме дадено никакви препораки некои верници да влегуваат во локалитетот со поевтина влезница. Претпоставувам дека кога наплатувачите ќе видат оти некој посетител купил голема свеќа, има намера длабоко да им се поклони на светителите и тогаш одлучуваат да му наплатат влезница поевтино. Кај нас нема поплаки дека некому му се наплаќаат поевтини влезници”, ни изјави митрополитот на Дебарско-Кичевската епархија, г. Тимотеј.
Локалитетот Плаошник годишно го посетуваат десетици илјади верници и туристи.
Д. ЧУБРИЌ