Двајца млади ентузијасти, информатирачари, Киро Костуранов од Струмица, кој живее и работи во Скопје, и неговата колешка Бисера, започнаа несекојдневен проект – да ја пропатуваат Македонија водени од специјално дизајнирана компјутерска мапа. Нивната цел е во текот на наредната година, претежно за време на викендите за да не отсуствуваат од работа, да посетат 134 значајни културно-историски локалитети низ земјата, обележани на мапата со бројки кои се откриваат со гребење.
Првата дестинација на нивното патување беше манастирот Водоча кај Струмица. Таму, како што самите раскажуваат, ја извадиле мапата и почнале да го бараат бројот што одговара на овој значаен духовен центар. Иако нивната појава првично можела да наведе на помислата дека се уметници дојдени да го овековечат манастирскиот комплекс, тие скромно ја објасниле својата поинаква мисија.
„Оваа мапа ја набавивме од група ентузијасти кои одлично ја осмислиле. Водени од неа, ја започнавме нашата тура со цел да ги посетиме значајните културно-историски споменици во Македонија. Секој од овие локалитети има свое големо значење. Денеска во Водоча ја изгребавме првата ознака, под која се појави скица од темелите на манастирот, вклучувајќи и археолошки остатоци кои вреди да се видат“, изјави Костуранов.
Неговата придружничка Бисера додава дека секој од 134-те локалитети на мапата крие уникатна скица или нацрт-план што се открива со гребење.
„Потребно е време да се посетат над 100, а зошто да не и сите 134 места. Одлучивме тоа да го сториме во што е можно пократок рок, но не е пресудно дали ќе трае до крајот на годината или подолго. Реално е да си дадеме период од следните 12 месеци. Најважно е што ќе посетиме голем број интересни места во Македонија на кои досега не сме биле“, вели Бисера.
Плановите на Киро и Бисера не застануваат тука. По Водоча, тие планираат да го посетат и блискиот манастир Вељуса, како и Царевите кули. Следниот викенд е резервиран за истражување на Мантово и знаменитостите во Штип и Источна Македонија.
„Потоа се селиме во Западна Македонија, која исто така изобилува со цркви, манастири и други значајни културно-историски споменици кои досега не сме имале прилика да ги видиме. Мапата вклучува и шест планински врвови и езера кои се дел од нашата тура. Секое од овие обележја има своја историска, културна или природна вредност, вклучувајќи национални паркови и шуми. Со помош на оваа мапа, сите тие можат да се истражат“, велат Бисера и Киро.
Т. ЈОВАНОВСКИ