СО ОРОТО „КОПАЧКА“ И НАРОДНИОТ ОБИЧАЈ „ЧЕТР’СЕ“ ЗАШТИТЕНИ ОД УНЕСКО ВО ШТИП ЌЕ СЕ ОДБЕЛЕЖИ ДЕНОТ НА ПРОЛЕТТА

    СО ОРОТО „КОПАЧКА“ И НАРОДНИОТ ОБИЧАЈ „ЧЕТР’СЕ“ ЗАШТИТЕНИ ОД УНЕСКО ВО ШТИП ЌЕ СЕ ОДБЕЛЕЖИ ДЕНОТ НА ПРОЛЕТТАОд зведбата на орото „Копачка“ на настан во Скопје. (Фото: К. Попов)

    Годинашното одбележување на традиционалниот штипски народен обичај „Четр’се“, кој УНЕСКО во 2013 година го прогласи за светско нематеријално културно наследство, прво од Македонија, ќе биде збогатено со изведба на македонско оро „Копачка“, исто така заштитено како нематеријално културно добро.

    Орото „Копачка“ ќе го изведат фолклорните групи од здружението „Копачка“ од делчевското село Драмче на 20 март во 18 часот, на големата сцена во Домот на културата „Ацо Шопов“ во Штип. Настапот е на покана на домаќинот, културно-уметничкото друштво (КУД) „Ристо Донев-Учителот“, во рамки на традиционалниот концерт што се одржува за време на Деновите на пролетта, период кога жителите масовно се искачуваат на тврдината Исар. Од друштвото велат дека веќе 15 години организираат концерти во овој период, при што настанот со текот на времето доби и меѓународен карактер.

    „Во почетокот настапувавме сами, но во последните години ни гостуваат културно-уметнички друштва од соседните земји. Оваа година особено ни е чест што ќе ги угостиме фолклорните групи од КУД ‘Копачка’, па штипската публика за првпат ќе има можност во живо да го проследи ова уникатно македонско оро заштитено од УНЕСКО. Благодарни сме што на концертот првпат ќе настапи и КУД ‘Мирче Ацев’ од Прилеп“, рече раководителот на друштвото, Баже Донев.

    Паралелно со културната програма, Општина Штип во соработка со повеќе младински организации и јавни комунални претпријатија ќе реализира еко-акции за чистење и уредување на тврдината Исар. Активностите ќе се одвиваат на 20 и 21 март, во пресрет на главниот настан на 22 март, кога се очекува на Исар да се искачат неколку илјади граѓани.

    Народниот обичај „Четр’се“ преку Центарот за развој на Источниот Плански Регион, обичајот ќе биде преставен и во Европската унија до 2028.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира