Со перформансот со перформансот „Тајжам на смилевски“, од 17 мај започнува првото издание на манифестацијата „Смилевски конгрес“ во организација на истоимената нова национална установа која ќе функционира под Министерството за култура, а ќе има седиште во родната куќа на војводата Даме Груев во Смилево. Целта на установата и на манифестацијата е децентрализација на културата и уметноста, како и поддршка и ревитализација на маргинализирани, а културолошки и историско важни, локални заедници, рурални места и природни ресурси.
„Преку автентични концепти, нашата установа се бори за промоција и заживување на културната меморија и традиција низ активна современа култура. Нашата институција ќе поддржува, промовира и продуцира авторски и современи домашни и странски проекти и автори“, вели в. д. директорот на установата Влатко Деловски.
Со почеток во 19,30 часот во Смилево, перформансот „Тајжам на смилевски“ е на истражувачкото студио за храна со готвење во живо на Гоце Николовски, Борче Василевски, Анастасија Трајковска, Александра Николовска и Сашо Алушевски. Во рамки на дводневната програма, на 17 и 18 мај ќе има музички концерти на „Љубојна“, „Пијан Славеј“, Дина Јашари, Филип Букршлиев, а ќе гостуваат и „Џими Барка Експириенс“ од Словенија. Музичките настани ќе бидат збогатени со уметнички инсталации и видеоарт од гости од Лерин, Грција, арте повера, светлечки инсталации, танцов перформанс, фотографии и друго. Влезот за настаните е слободен, а за Смилево од Битола двата денови се организирани бесплатни автобуси.
„Смилево е родно место на Даме Груев и тука се одржал Смилевскиот конгрес, каде се одлучувало за дигање на Илинденското востание. Не случајно, нашата културна револуција започнува тука, во родната куќа на Даме Груев, која воедно е седиште на националната установа. Дамјан во една прилика беше рекол: ‘Со тоа што имаме со тоа ќе работиме’, па така и ние! Има доста работи што немаме и ни фалат, но затоа имаме силен дух, знаење и културен опит“, рече Деловски.
Ж. ЗДРАВКОВСКА