СО ПОМОШ ОД УНДП ИЗРАБОТЕНА АЛАТКА КОЈА ЌЕ ГИ МЕРИ КАПАЦИТЕТИТЕ И МОЖНОСТИТЕ ЗА РАЗВОЈ НА ОПШТИНИТЕ

    СО ПОМОШ ОД УНДП ИЗРАБОТЕНА АЛАТКА КОЈА ЌЕ ГИ МЕРИ КАПАЦИТЕТИТЕ И МОЖНОСТИТЕ ЗА РАЗВОЈ НА ОПШТИНИТЕПреку овој проект ќе се добијат податоци за бројот на жители, бројот и големината на бизнисите, урбанистичкото планирање, здравствените капацитети, бројот на деца во училишна и предучилишна возраст, економски параметри, енергетиката, животната средина. (Фото: К. Попов)

    Преку Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) изработена е индекс-алатка со која ќе се мерат капацитетите и можностите за развој на општините. Индексот овозможува рангирање на општините врз основа на следење на различни индикатори и статистички податоци, почнувајќи од бројот на жители, бројот и големината на бизнисите, урбанистичкото планирање, здравствените капацитети, бројот на деца во училишна и предучилишна возраст, економски параметри, енергетиката, животната средина, културата и многу други.

    „Досега се утврдени 44 вакви клучни индикатори кои го сочинуваат моделот на Индексот, а за кои што се потребни квалитетни податоци од Државниот завод за статистика, Централниот регистар, самите општини и други институции. Планирањето на развојот врз основа на ваквите податоци треба да им овозможи на општините да ги определат своите приоритети, за да знаат каде да ги инвестираат парите од своите буџети. Општинскиот развоен индекс, исто така, треба да им биде корисна алатка на државните институции и на меѓународните донатори за подобро да проценат на кои општини и во која област најмногу им треба поддршка. На тој начин би се поддржал локалниот развој во секоја општина, но и рамномерниот развој меѓу различните региони во земјата“, велат од работната група која работеше на  овој проект.

    Главниот проблем во користењето на оваа алатка е недостигот на квалитетни податоци. Дел од нив сé уште не се достапни во дигитална форма. Исто така, има и податоци кои што постојат, но не се пристапни, или за нив е потребно да се обезбедат позначителни средства. Тоа секако претставува оптоварување за општините кои што имаат потреба од овие податоци.

    „Со цел да го олесни пристапот и квалитетот на податоците, УНДП поддржува процес на дигитализација и автоматизација на Општинскиот развоен индекс. Дополнително, предвидени се и обуки на вработените во одговорните институции за собирање на информации, како и вклучување на локалните самоуправи во системот на интероперабилност, односно размена на податоци со институциите на национално ниво“, велат од УНДП.

    Општинскиот развоен индекс се подготвува во рамките на проектот „Јакнење на општинските капацитети за имплементација на проекти“, финансиран од Шведска и Бирото за регионален развој и имплементиран од страна на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во соработка со Министерството за локална самоуправа и Бирото за регионален развој.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира