СО ПОТПОРЕН ЅИД ДОЛГ 120 МЕТРИ ЗАШТИТЕН Е ПАТОТ КОЈ ВОДИ ДО ИЗЛЕТНИЧКОТО МЕСТО БАЊИЧЕ ВО ТЕТОВО

    СО ПОТПОРЕН ЅИД ДОЛГ 120 МЕТРИ ЗАШТИТЕН Е ПАТОТ КОЈ ВОДИ ДО ИЗЛЕТНИЧКОТО МЕСТО БАЊИЧЕ ВО ТЕТОВОНа ова место, откако пред неколку години се прошири паток кој води до Бањиче, се појави големо свлечиште на земја. (Фото: СДК.МК)

    На патот кон месноста Бањиче во Тетово, кое е познато излетничко место, изграден е голем бетонски ѕид како заштита од одронување на земјата. На ова место, откако пред неколку години се прошири патот кој води до Бањиче, се појави големо свлечишште на земја. Поранешните општински власти неколку пати на ова место поставуваа потпорни ѕидови, но тие беа неквалитетно направени и мали по обем па после секој поголем пороен дожд, свлечиштето на земјата проработуваше и го корнеше потпорниот ѕид.

    Новиот потпорен ѕид е со многу поголеми димензии, со голема дебелина и се очекува со него конечно да се реши овој долгогодишен инфраструктурен проблем.

    „Тука постоеше потпорен ѕид, кој не само што не ја извршуваше својата функција, туку тој претставуваше и опасност за минувачите. Новиот потпорен ѕид е изграден по сите стандарди. Тој е со должина од 120 метри, а висок е до 5 метри. Веќе е избрана компанија која ќе ги реализира работите и во другите делови од овој пат за што ќе се инвестираат 50.000 евра“, изјави градоначалникот на Општина Тетово Билал Касами.

    Изградбата на потпорниот ѕид е дел од проектот „Подобрување на отпорноста кон поплави во Полошкиот Регион“, финансиран од Владата на Швајцарија, а се спроведува од Програмата за развој од Обединетите нации и Министерството за животна средина и просторно планирање.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира