СОЦИЈАЛЦИТЕ ЌЕ МОРА ДА ОДАТ НА ДОКВАЛИФИКАЦИЈА ИЛИ ДА РАБОТАТ ОПШТЕСТВЕНО КОРИСНА РАБОТА, НАЈАВИ МИНИСТЕРКАТА ЦАРОВСКА

    СОЦИЈАЛЦИТЕ ЌЕ МОРА ДА ОДАТ НА ДОКВАЛИФИКАЦИЈА ИЛИ ДА РАБОТАТ ОПШТЕСТВЕНО КОРИСНА РАБОТА, НАЈАВИ МИНИСТЕРКАТА ЦАРОВСКАМинистерката за труд и социјала Мила Царовска денеска беше на увид во изградбата на новата градинка во Штип која се гради и ќе биде со капацитет за 200 деца. (Фото: СДК.МК)

    Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска најави дека по изборите ќе се донесе ново законско решение со кое лицата кои примаат социјална помош ќе треба да работат општествено корисна работа или активно да бараат работа. Законот веќе е во собраниска процедура и по изборите ќе дојде на гласање.

    „Секој што прима социјална заштита, а е работоспособно лице, со новите законски измени ќе мора да се вклучи во активните мерки за вработување. Едната е во сферата на општествено корисната работа, а другата е доквалификација и едукација за специфични професии“, рече денеска во Штип министерката за труд и социјална политика.

    Според Царовска, токму од ваквите социјалци во иднина треба да се лиферуваат идните вработени во стопанската дејност, а кои во овој период им недостигаат на сите стопански гранки.

    „Со доквалификацијата можност да се активираат имаат сите работоспособни социјални случаи. Оваа мерка ќе опфати над 30.000 домаќинства во државата. Со тоа ќе се подобри севкупната економија во државата“, рече Царовска, која додаде дека во Источна Македонија моментно социјална помош примаат речиси 7.000 лица, групирани во над 1.700 семејства.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира