СОВЕТОТ НА ОПШТИНА ТЕТОВО ДОНЕСЕ ОДЛУКА ЗА ФОРМИРАЊЕ НОВА КОМИСИЈА ЗА ПРОМЕНА НА ИМИЊАТА НА УЛИЦИТЕ

    СОВЕТОТ НА ОПШТИНА ТЕТОВО ДОНЕСЕ ОДЛУКА ЗА ФОРМИРАЊЕ НОВА КОМИСИЈА ЗА ПРОМЕНА НА ИМИЊАТА НА УЛИЦИТЕОд Советот велат дека во Тетово има 41 улица без име и 250 улици со бројка, но немаат куќен број (Фото: СДК.МК)

    Промената на имињата на улиците повторно ги разбранува меѓунационалните односи во Советот на Општина Тетово. По точката на дневниот ред „Предлог-одлука за формирање работна група за преименување на улиците во Општина Тетово кои веќе имаат определено име и именување на улици на кои името им е определено со работен број“, се разви жестока дискусија помеѓу советниците од СДСМ и Левица, наспроти советниците од партиите на Албанците.

    „Денес во Тетово, ние Македонците сме малцинство, исто како и Албанците во Република Македонија, но тоа не значи дека треба да бидеме избришани од историјата на просторот и од идентитетот на градот и државата. Расправаме за преименување на улици во моментот кога градот тоне во секакви проблеми, од финансиски до комунални. Немаме вода за пиење, немаме паркинзи, немаме тротоари. Ние треба сериозно да се фатиме за работа и да ги решаваме реалните потреби на тетовчани. Апелирам да не ја користиме оваа тема за поделби, туку да работиме за вистинските проблеми. Оваа тема е многу чувствителна, ве молам да не ги злоупотребуваме нашите позиции за да лечиме комплекси“, рече советникот Боби Илиевски од Левица.

    Слично реагираше и советникот од СДСМ Живе Алексоски.

    „СДСМ остро и категорично се спротивставува на ваквиот чин затоа што со отворање на ова прашање се врши дефокусирање од актуелните прашања и проблеми на граѓаните на Тетово, како што се нерешените комунални проблеми, неисплаќање плата на општинската јавна администрација за два месеца и сообраќајните проблеми“, изјави Алексоски, кој воедно побара и советниците од ВМРО-ДПМНЕ да се изнесат по ова прашање.

    Од ВМРО-ДПМНЕ, кој е коалиционен партнер со БЕСА, рекоа дека ќе гласаат за оваа одлука.

    „Ние нема да решаваме етничко прашање, туку техничко прашање. Знаеме дека во Тетово има 41 улица без име и 250 улици со бројка, но немаат куќен број. За улиците кои имаат име ние уште претходно сме го кажале нашиот став дека нема да прифатиме промена на тие имиња. Знаеме дека одлуките се носат со Бадентерово мнозинство. Потоа, кога одлуката ќе ја донесе Советот, таа одлука оди во владата. Владата треба да даде потврда. Значи, ќе прифатиме да разговараме за улиците кои немаат име и за тие улици кои немаат број“, рече Ангел Карапетров, советник од ВМРО-ДПМНЕ.

    Советниците од партиите на Албанците, и од позицијата и од опозицијата, едногласно го бранеа донесувањето на оваа одлука. што се виде и во гласањето. Одлуката за формирање ваква комисија беше изгласана со 27 гласови „за“ на советниците од БЕСА, коалицијата „Европски фронт“ предводена од ДУИ, граѓанската иницијатива „За подобро Тетово“ и ВМРО-ДПМНЕ, наспроти два гласа „против“ на СДСМ и Левица.

    Со последните локални избори престана мандатот на старата комисија, а со новоизбраната ќе претседава заменик-градоначалникот на Општина Тетово, Алби Ќамили. Тој за новинарите прочита напишано соопштение, бидејќи кажа дека нема да одговара на новинарски прашања на македонски јазик. Во него наведе дека работата на претходната комисија ќе послужи како основа, со цел процесот да не се одолговлекува и да резултира со трајно и одржливо решение.

    Уште во август 2024 Советот донесе Предлог-одлука за формирање работна група за преименување улици во Општина Тетово и за именување улици на кои името сега им е определено со број. Во февруари 2025 беше отворен јавен повик до граѓаните на Тетово за прибирање предлози за преименување улици во градот. Во текот на годината се одржаа и четири јавни дебати, на кои граѓаните предлагаа имиња на улици, со што бројот на предлози порасна на над 1.200. Меѓу нив имаше и имиња на припадници на УЧК, имиња на балисти и на Албанци кои отворено работеле против Македонија. На ваквата активност на Општината реагираа голем број Македонци, а со свои соопштенија за осуда повеќепати се огласи и Сојузот на борците од Тетово.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира