Државниот Архив од Битола денес изврши преземање на архивски материјал од култното Радио Битола, кое веќе 11 години не работи. Тоа се материјали од непроценливо значење за градските пулсирања во минатото, развојот на новинарството во Битола, музиката, стопанството и други општествени дејности. Ахривскиот материјал се наоѓаше во гаражите во кругот на поранешното седиште на радиото.
Веста на социjалните мрежи ја објави Архивот со познатиот поздрав: „Зборува Радио Битола“.
„Ова беше второ преземање на архивски материјал од Радио Битола во период од неколку години, а материјалот е од огромно значење за историскиот развој на градот. Материјалот е претежно во пишувана форма и меѓу другото ги содржи емисиите кои биле eмитувани од самите почетоци на радиото во 1950 година сè до неговото постоење. Материјалот е во несредена состојба и истиот ќе биде внесен во програма за средување и обработка со цел што поскоро да стане достапен за истражувачите“, соопштија од Архивот.
Според објавата, зачувани се емисиите „Хроники од Пелагонија“, „Во светот на бајките“, „Спортските вести“, „Поздрави и честитки“ и други архивски материјал.
Радио Битола беше најстарото локално радио кое со емитување на програма започна во 1950 година. Не постои битолчанец, па и слушатели од поширокиот регион, кој не ја памети најавата „Зборува Радио Битола на бранова должина од 226,7 метри“, а подоцна и на “ултра кратки бранови од 102.6 MHz”. Според раскажувањето на дел од новинарите, фреквенцијата била толку јака што слушатели имале дури и од Титовиот брод „Галеб“ некаде на Јадранското Море.
За жал, поради неуспешната приватизација Радио Битола пред 11 години престана да емитува програма. Истото се случи со сите 29 јавни локални радиостаници кое не успеаја да се приватизираат и згаснаа. Битолските новинари и техничкиот кадар дури три години одеа на работа без плата во надеж дека ќе се најде начин и помош да преживее радиото. Но, од тогашната локалната и државаната власт не покажаа слух.
До денес зачувани се 600 плочи од некогашната дискографска ризници на Радио Битола. Покрај грамофонскиот фонд, во Историскиот архив е зачуван и дел од фонотеката на Радио Битола, која содржи популарни емисии што се емитувале, џинглови, песни. За жал, во 1960-те биле уништени ленти од радиото, со што во неврат отидоа оригинални снимки од битолски чалгии.
Ж. ЗДРАВКОВСКА