СПАСЕНИ ТРОЈЦА СТРАНЦИ КОИ СЕ ИЗГУБИЛЕ НА ГАЛИЧИЦА

    СПАСЕНИ ТРОЈЦА СТРАНЦИ КОИ СЕ ИЗГУБИЛЕ НА ГАЛИЧИЦАОд Националниот парк Галичица велат дека посетителите мора да го пријават своето присуство и да ја напуштат планината најдоцна до 20 часот. (Архивска фотографија)

    Пронајдени се тројцата странски туристи кои вчера утрото се упатиле по пешачкиот дел на Галичица и се изгубиле. Откако виделе дека теренот им е непознат, лицата попладнето побарале помош од Центарот за управување со кризи (ЦУК) на бројот 122.
    Од Националниот парк Галичица велат дека посетителите мора да го пријават своето присуство и да ја напуштат планината најдоцна до 20 часот.

    „Во 16.19 часот преку Единствениот број за итни повици 112 во ЦУК е примена пријава за изгубените двајца мажи, странски државјани (од кои едниот имал повредена нога) и една жена во Националниот парк Галичица, во повисоките делови на истоимената планина. Двајцата мажи се пронајдени кај планинарската куќа на Галичица во 17.30 часот, а жената е пронајдена на подалечна локација во 17.50. Веднаш по дојавата за помош од изгубените, на терен брзо излезе екипата на единицата за спасување на планина од Планинската спасителна служба при Црвен крст Охрид, којашто е доброволна волонтерска организација, што делува во регионот околу Охридското Езеро, односно на територија на општините Охрид, Струга, Дебарца, Вевчани, Ресен и Поградец. Лицата утрото тргнале од Охрид со сино возило и застанале на паркингот Г6, а потоа пешки се упатиле нагоре по пешачкиот дел на Галичица. Почнале да пешачат од 09.30 часот, но се изгубиле по планинските патеки, па попладне се јавиле за помош на 112 во ЦУК, по што веднаш е организирана спасителна акција. Во спасувачката акција, покрај единиците од планинарска служба Охрид и Ресен учествуваше и патрола од Гранична Полиција од Свети Наум“, соопшти ЦУК.

    Галичица е отворена за туристички цели за пешачење, параглајдинг, возење четириколки, а од Планинската спасителна служба апелираат посетителите да бидат внимателни и да се движат само во рамките на обележаните патеки.

    „Апелот да ги почитуваат правилата на планината, да се прилагодуваат на условите кои владеат на планината, соодветно да се опремат и да носат доволно количество храна и вода и телефон со полна батерија за да може да повикаат помош доколку тоа е потребно“, вели Антонио Додевски, раководител на Планинската спасителна служба при Црвен крст Охрид.

    Најчестите интервенции на планинската служба, која има доволно опрема и кадар за спасување во планина во целиот регион, се при изгубени, дезориентирани, паднати и повредени лица во провалија.

    „Имаме доволно ресурси може да кажам за решавање на сите комплексни операции кои што би можеле да се случат во нашиот регион и во лето и во зима. Така што, имаме доволно возила, имаме доволно едуциран кадар“, додава Додески.

    Само за еден месец Планинската спасителна служба која го покрива регионот Охрид, Струга, Вевчани и Дебрца имала четири посериозни интервенции на спасување во планина.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира