Вчеравечер на планината Јакупица, во Велешко, е спасено мече кое било уловено во примка, вид замка. Мечето го пронашле ловџии од Ловечкото друштво „Руен“ од Велес.
„Бевме на лов кога слушнавме рикање на мечка. Тоа беше силен лелек. По звукот го пронајдовме мечето. Беше агресивно од болка, но бараше спас од нас. Со мили очи гледаше да го спасиме, ама не дозволуваше да се приближиме. Во близина беше и неговата мајка, која гледаше што се случува. Веднаш пријавивме во ловното друштво“, вели еден од ловџиите кои ја пронашле мечката.
Во координираната акција за спасување учествувале двајца инспектори од Државниот инспекторат за животна средина, членови на „Руен“, Македонското еколошко друштво (МЕД), СВР Велес и ветеринар од Скопската зоолошка градина. За спасувачката акција соопшти Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС).
„Спасено е мече на планината Јакупица, кое било фатено во примка. Пронајдена е кафеава мечка фатена во нелегално поставена примка (сајла) на локацијата Чеплес, на 1,5 км од Рибник Нежилово, во Велешко. Мечето беше успиено, беше извршен преглед, а примката (сајлата) беше отстранета од стручно лице ветеринар од Зоолошка градина Скопје, по што мечето беше пуштено во природа, откако не беа констатирани видливи повреди кај младото животно“, соопштија од ДИЖС.
При прегледот било констатирано дека станува збор за мажјак стар околу три години и тежок 70 кг.
Примка е јамка направена од жица, ортома или конец, која се стега околу вратот или ногата на животното кога тоа ќе помине низ неа. Користењето примка е кривично дело во Македонија. За настанот е известен и јавен обвинител од Велес. По негова насока, полицијата ја запленила примката за понатамошно вештачење и поведување кривична постапка согласно Кривичниот законик.
П. ПЕЧКОВ



