СРБИЈА ОТВОРИ ИСТРАГА ЗА НАДРИЛЕКАР КОЈ ЛЕКУВАЛ ВЕЛЕШАНЕЦ СО ЦЕДЕНИ СОКОВИ И МОЛИТВИ

    СРБИЈА ОТВОРИ ИСТРАГА ЗА НАДРИЛЕКАР КОЈ ЛЕКУВАЛ ВЕЛЕШАНЕЦ СО ЦЕДЕНИ СОКОВИ И МОЛИТВИОбвинителството на Лесковац покренало истрага за кривичното дело тешки дела против здравјето на луѓето (Фото: СДК.МК)

    Јавното обвинителство на српскиот град Лесковац отворило истрага за смртта на велешанецот Славчо Петров (30), објавија српските медиуми. Обвинителството започнало истрага за кривичното дело тешки дела против здравјето на луѓето.

    Петров почина на 7 јануари, откако лекарите му констатирале тумор на мозокот. Неговата сестра Биљана Јовановиќ виновник за неговата смрт гледа во Мирољуб Петровиќ, директор на Центарот за природни науки, кој бил без акредитација за работа. Биљана одамна знаела за Петровиќ од медиумите, како стручњак кој лечел неизлечиви болести.

    Во март минатата година, во Клинички центар во Скопје кај Петров бил дијагностициран бениген тумор на мозокот, лоциран на тешко достапно место, кај делот кој управува со моторичкиот систем. Сестра му Биљана стапила преку е-пошта во контакт со Петровиќ, кој дал терапија во вид на цедени сокови, сирова растителна храна, тинктура, молитви во Бога и прошетка. За ова наплатувал 600 до 800 динари по шише, а за престој во неговиот центар 120 евра од ден. Петров престојувал таму шест дена.

    Тој бил менаџер во познат хотел во Македонија и после овие терапии не се чувствувал ниту подобро, ниту полошо, а Петровиќ му дал совети да не посетува доктор. Тој како надрилекар не се чувствува виновен и во изјава за српските медиуми објаснува дека не лекува, туку дава совети како човек сам да се излечи со здрав начин на живот. Додава дека никогаш не го сретнал, ниту се слушнал со Славчо Петров, а советите ги давал преку сестра му.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира