Со бригадирски поздрав „Здраво“, акцијаши-ветерани од сите поранешни југословенски републики се собраа во Штип за да го одбележат јубилејот – 50 години од Сојузната младинска работна акција (СМРА) „Плачковица“, која се одржуваше од 1975 до 1978 година. Облечени во акцијашки униформи, тие се построија во дворот на гимназијата „Славчо Стојменски“, каде многумина од нив се сретнаа повторно по половина век, евоцирајќи спомени од младоста.
Средбата продолжи во Уметничката галерија „Безистен“, каде беше отворена изложба со над 500 фотографии од четирите работни лета. Во овој период, повеќе од 4.000 акцијаши го изградија патот Штип-Плачковица во должина од 42 километри. Ветераните го посетија и селото Карбинци, каде што некогаш била сместена бригадирската населба, како и патот до врвот на планината кој и денес е во функција.
„Младинската работна акција ‘Плачковица‘ започна во 1975 како републичка, но во следните три години прерасна во сојузна акција. За четири години учествуваа над 4.000 млади од Македонија и од сите останати републики во поранешна Југославија“, изјави Кирил Цацков, еден од тогашните команданти. Тој додаде дека овие акции биле вистинска школа за младината, каде се стекнувале работни навики, искуство за заеднички живот и патриотизам.

Над 500 оригинални фотографии во црно бела техника се поместени на изложбата по повод 50 години СМРА „Плачковица“ која денеска со внимание се разгледуваше од 150 акцијаши присутни на собирот во Штип. (Фото: СДК.МК)
Емотивни сеќавања сподели и Драган Миладиновски, новинар во пензија од Велес и поранешен заменик-командант на акцијата. „Среќен сум што бев дел од тој успешен проект. Да не зборуваме за најубавото, бригадирскиот живот, дружењето, а каде има млади има и љубов. Токму на работните акции ја запознав мојата сопруга“, рече тој.
На јубилејот присуствуваа и ветерани од Словенија, Србија и други земји.
„Денес, по половина век, Штип не може да се препознае, како да доаѓаме во нов град, добро уреден со гостопримливи домаќини“, велат Мирко и Марија Водовник од Словењ Градец.
Дејан Новаковиќ од Јагодина, кој учествувал на 13 сојузни работни акции, истакна дека овие средби ги враќаат во најубавото доба од младоста.
Штипските акцијаши-ветерани, како Мите Тушев, велат дека учеството во работна акција било гордост и престиж. Тие сметаат дека акцијаштвото, доколку добро се осмисли, може повторно да заживее и да биде прифатено од новите генерации, посочувајќи ги како пример неодамнешните акции во кои штипските ветерани учествувале заедно со млади во земјата и регионот.
Т. ЈОВАНОВСКИ