Младата архитектка Мила Рориќ, членка на Работното тело за изготвување нова програма за урбана опрема во Битола, ги нарече плевни стаклениците пред кафулињата на Широк Сокак наменети за пушачите. На првата работна седница на ова тело, кое треба да го реши проблемот со оградувањата пред кафулињата во Битола, таа рече дека стаклениците го нагрдуваат ликот на градот и претставуваат узурпација на јавниот простор, па оттаму не треба ни да постојат.
„И од злато да ги направиме и најубави да ги направиме, сепак ќе бидат грди. Треба да постои површина за маси и столици, можеби некои роло тенди, деталите ќе ги дефинираме да зафаќаат до три метри, до онаа црна линија на Широк Сокак до која беа претходно. Но, не треба да постојат вакви оградувања како сега, да висат шипки од фасадите и го уништуваат изгледат на градот. Како да ги наречам, плевните, претставуваат бариера за луѓето инвалиди, за евакуација, не дај боже, да настане пожар или итен случај, тоа е бариера за излез од кафичот. И мислам дека воопшто не треба да постојат во иднина во новата програма што ќе биде донесена“, рече Рориќ.
Сопствениците на кафулињата, кои исто така се дел од работното тело, се согласни дека сегашните заградувања на просторот не изгледаат убаво, но нагласија дека најголемиот дел од гостите им се пушачи и ако останат без стаклениците ќе немаат профит и ќе мора да затворат.
„Потребно ни е време за адаптација, доколку не ни се дозволи оградување. Врзани сме со кредити, обврски, вложувања, не можеме преку ноќ да затвориме. Инвестиравме, и ние не сме задоволни со тоа како изгледаат нашите објекти на Широк Сокак. Но, ако не се изјаде решение за пушачкиот дел и треба да се отстранат оградувањата, ќе треба да затвориме“, рече Сашо Шамбевски, сопственик на кафуле.
Угостителот Марио Трифуновски ги запраша архитектите зошто реагираат за кафулињата, а не и за распаѓањето на куќите во старото градско јадро.
„Што ќе речете за касарната, се имате побунето некогаш? Што ќе речете за тоа што 80 проценти од куќите се распаѓаат во старо градско јадро, 80 проценти од културното наследство се рапаѓа, па побунете се еднаш, луѓе. Со жиците од телефонијата, не можеш небо да видеш. Жиците наместо под земја, кај нас по бандери се уште. Знам дека е грдо изгледаат оградувањата, овде сме да најдеме решение, да не е грдо, а да функционира. Ние си го сакаме градот“, рече Трифуновски.
За десетина дена треба да се одржи следната средба на работното тело кога ќе треба да донесе заклучок за Општината да распише тендер за избор на компанија која ќе ја изработи новата програма за поставување урбана опрема, но врз смерниците што ќе ги даде телото.
Старата програма е од 2015 година и во неа не беа предвидени оградувања на објектите. Но, во 2017 беше донесена одлука во која се дозволи да се постават метални конструкции со стакло пред кафулињата со што се загради дел од јавната површина. Сега стручната фела од архитекти и урбанисти, советниците, претставници оде Општината заедно со угостителите се обидуваат да најдат решение за урбана опрема која нема да го нагрди амбиенталниот изглед на градот, а нема да ги наруши ни бизнисите.
Ж. ЗДРАВКОВСКА