Од денес, 13-ти декември стапи на сила новиот патнички возен ред на Македонски железници. Со него нема големи промени, останува да сообраќаат истиот број на патнички возови во земјава.
„Единствена разлика е во поаѓањето и тоа со некоја минута порано или подоцна“, велат од МЖ Транспорт.
Најмногу возови има на релацијата Скопје -Велес и обратно, по девет, до Табановце четири, до Битола три, до Гевгелија два и за Кочани и Кичево по еден. Новиот возен ред е со важност следните 12 месеци.
Железниците на Србија и Грција се договориле меѓународниот патнички воз Белград – Солун и обратно, кој имаше времен, сезонски карактер, и возеше од јуни до септември, да не сообраќа. Причина е што железничката инфраструктура во Србија се реконструира на потегот од Ниш кон границата со Македонија, активност што ќе трае најмалку 24 месеци.
Така единствена меѓународна врска во земјава, е патничкиот воз од Скопје до Приштина, но и тој повеќе не вози, отколку што е во функција. Во писмено соопштение од пред извесно време на МЖ Транспорт објаснија дека тоа е така, поради „технички причини“.
Бројот на патници кои ги користат услугите на железница во Македонија е во опаѓање. Ако пред десет години во 2011-та имало 1,4 милиони, лани имало само 550 илјади. Годинава поради состојбата со ковид заразата бројот на патници е драстично намален. За девет месеци јануари- септември имало 190 илјади патници а лани во истиот период бројката била 400 илјади. МЖ АД Транспорт објавија дека загубите во патничкиот сообраќај за првите десет месеци годинава изнесуваат 40 милиони денари.
П. ПЕЧКОВ