Апарат за мобилна хемодијализа доби Специјализираната болница за нефрологија во Струга како донација од семејството на Софија Огненова, пациентка која почина минатата година на 62 годишна возраст а беше единствена во државата која правеше хемодијализа во домашни услови.
На годишнината од смртта на Огненова, медицинскиот персонал од оваа здравствена установа пуштајќи го во употреба апаратот го одбележа Светскиот ден на бубрегот под мотото „Здравје на бубрезите за сите – да се подготвиме за неочекуваното, да ги поддржиме ранливите“.
Директорот, д-р Александар Попоски вели дека апаратот е значаен затоа што со него може да се помогне и во услови на елементарна непогода, но и во секоја прилика кога им е потребно на ранливите категории.
„Една година правевме подготовки и толку на годишнината од нејзината смрт го добивме овој апарат кој за нас значи многу а посебно што мотото на годинешното одбележување на Светскиот ден на бубрегот е подготовка за елементарни непогоди, катастрофи како земјотреси, војни, поплави и помош на ранливи категории. Токму овој апарат може да се вклучи секаде, на секое место. Има можност дневно да се приклучат два-три пациенти, а тоа не е малку“, вели д-р Попоски.
Доктор Ванѓелка Коваческа-Шавреска рече дека апаратот со себе носи една животна приказна која е единствена и неповторлива.
„Ова не е обичен апарат за хемодијализа, ова е апаратот на пациентката Софија Огненова, единствениот пациент во државата кој правеше хемодијализа во домашни услови. Овој апарат носи со себе една единствена непофторлива приказна, тоа е животниот пат на Софија Огненова жена која зрачеше со храброст, борбеност и која треба да биде мотив за секој еден пациент на хемодијализа“, вели д-р Коваческа- Шавреска.
Софија Огненова цели 40 години била на хемодијализа, најпрво во болнички а 2003 година во домашни услови. За свој втор роденден го сметала денот кога започнала со хемодијализа на свои 22 години. Персоналот на струшка Нефрологија ја памети како храбра жена со голем оптимизам, борбеност и упорност. Најголема поддршка и биле нејзината мајка и сега пензионираната главна сестра на Нефрологија Гзиме Демири.
„Софија кај нас беше кратко време и јас успеав да ја научам да се боцкам сама, да биде оспособена за дијализа но таа имаше толкава храброст и смелост имаше знаење и никогаш не покажуваше слабост пред никого. Најпрвин бевме како сестра и пациент но со текот на времето, откако се разболе нејзината мајка, се руши таа бариера и станавме неразделни. Секоја година поставуваше цел пред себе, така напиша и книга, заврши факултет, а после тоа имавме цел да шетаме низ државата. Дијализата за неа значеше живот“, раскажа Демири.
Семејството на Софија вели дека нејзината приказна за бубрежната болест започнала и завршила со донација. Раскажаа дека секогаш помагала на луѓето па токму затоа со ваквиот потег велат дека ќе живее нејзината хуманост.
„Софија ни беше сè. Таа многу не научи за животот, беше многу ведра и во многу ситуации ни беше поддршка. Почна со хемодијализа во приватни услови, дома благодарение на хумани луѓе кои и донираа ваков апарат, а после нејзината смрт ние одлучивме исто така овој нов апарат да го донираме во овој центар како потсетување на неа но и да помогне на многу пациенти кои имаат потреба“, вели нејзиниот роднина, Бојан Групчев.
Софија на самите почетоци од нејзината болест започнала да води дневник па во 2010 година ја објавила нејзината книга „Дијализа-еден нула за мене“ како водич за пациентите но и порака никогаш да не се предаваат.
С. ВРЕНЦОВСКА