СТРУШКИТЕ УЧИЛИШТА БАРААТ ОД ОПШТИНАТА ДА СЕ СКРАТИ УЧИЛИШНИОТ ЧАС ЗА ДА ЗАШТЕДАТ НАФТА И СТРУЈА

    СТРУШКИТЕ УЧИЛИШТА БАРААТ ОД ОПШТИНАТА ДА СЕ СКРАТИ УЧИЛИШНИОТ ЧАС ЗА ДА ЗАШТЕДАТ НАФТА И СТРУЈАСо скратувањето на часовите за 10 минути ќе се направат заштеди на нафта, а ќе пристигнат и далеку помали сметки за струја што пак е неопходно во справување со енергетската криза, велат од средното стручно училиште „Нико Нестор“ од Струга. (Фото: СДК.МК)

    Основните и средни училишта во Струга поднесоа барање до општината за скратување на училишниот час од 45 на 35 минути за да заштедат електрична енергија и нафта.

    Со скратувањето на часовите за 10 минути ќе се направат заштеди на нафта, а ќе пристигнат и далеку помали сметки за струја што пак е неопходно во справување со енергетската криза, велат од средното стручно училиште „Нико Нестор“ од Струга.

    Директорката Кети Јанкоска вели дека на тој начин, училишниот ден ќе се скрати за околу час и половина, а со тоа ќе се намалат трошоците но нема да се губи од образовниот процес.

    „Поднесовме барање до Општина Струга за скратување на часовите од 45 на 35 минути. Втора смена да започнува од 13 часот, наместо од 13.30 со што порано би завршила втора смена и би заштедиле во осветлување и греење“, вели Јанкоска.

    Струшките училишта додека чекаат на примена на одлуката на Владата за нивно префрлање од слободниот пазар на ЕСМ ги применуваат мерките и препораките за заштеда на електрична енергија. Претходно тие ги исфрлија од употреба компјутерите, смарт таблите и дополнителните грејни тела на струја.

    „Многу би ни олеснило затоа што нашето училиште е многу големо со 150 вработени и 1 500 ученици работиме во две смени така да капацитетот е голем и оваа мерка би била добредојдена“, кажа Јанкоска.

    За барањето за скратување на часовите од сите основни и средни училишта во Струга ќе одлучуваат градските советници.

    С. ВРЕНЦОВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира