Над 200 студенти од Државниот тетовски универзитет, Универзитетот на Југоисточна Европа од Тетово и од Универзитетот „Мајка Тереза“ од Скопје денеска протестираа на градскиот плоштад во Тетово, барајќи подобри услови за школување. Инспирирани од сличните протести во Албанија, и македонските студенти од албанска националност го кренаа својот глас.
„Додека чекаме да се исполнат условите, ни се расипаа желбите“, „Немојте да ни ги продавате оценките, дајте ни ги на вересија“, „Отстранете го канцерот од образованието“, „Стоп за непотизмот“ беа само дел од паролите кои ги истакнаа студентите на протестот. Тие изготвија список со 14 барања, кои најавија дека ќе ги достават до ректорските служби на универзитетите.
„Бараме деполитизација на образованието во Македонија, отстранување на корупцијата во универзитетите, да се прекине со праксата студентот да мора да ја купи книгата на професорот за да добие преодна оценка, ставање крај на дискриминацијата на студентките, зашто некои професори ги тераат преку сексуални односи да дојдат до оценка. Бараме поддршка од сите студенти во Македонија, без разлика на нивната национална припадност. Ги охрабруваме да не се плашат, туку да излезат и отворено да кажат дека вака веќе не може да се продолжи. Очекуваме овие протести да се одржат и во Скопје, како и во сите градови во Македонија кадешто има универзитет“, изјави Фестим Реџепи од „Албанската младинска платформа“.
Студентите од градскиот плоштад преку тетовските улици се упатија кон Државниот тетовски универзитет, каде се обидоа да го предадат својот список со 14 барања, но биле спречени од полицијата, по што останале да протестираат пред Универзитетот.
З. АНДОНОВ