На неколку локации во Тетово се поставени кутии за оставање отпушоци од цигари. Налик на гласачки кутии, ги постави здружението „Мултикултура“ како дел од еколошка акција за почисто Тетово. Идејата ја добиле поради тоа што улиците и тротоарите во Тетово се преполни со отпушоци.
„Сакајќи да ја подигнеме свеста кај населението, ја спроведуваме оваа еколошка акција за оставање отпушоци во гласачки кутии. Ги поставивме на повеќе места во градот. Со нив ќе се придонесе како за селектирање на отпадот, така и за намалување на бројот на отпушоци по улиците и тротоарите. Сакаме да ги стимулираме пушачите да ги фрлаат отпушоците во овие кутии, па ги направивме како еден вид гласачки кутии. Така пушачите ќе можат да гласаат, односно да ги ставаат отпушоците во кутиите на кои пишува „Кој е најдобриот фудбалер во светот“, „Која е најдобрата екипа во светот“, „Која е најдобрата марка цигари во светот“, „Мерцедес, БМВ, Ауди“, изјави Мајлинда Илјази од „Мултикултура“.
Според информациите од ова здружение, дневно само една третина од 18 милијарди отпушоци ширум светот завршуваат во канти за смет.
З. АНДОНОВ