ТЕТОВСКИ УЧЕНИЦИ ОД СОЦИЈАЛНО ЗАГРОЗЕНИ СЕМЕЈСТВА ДОБИЈА ЛАПТОПИ ЗА СЛЕДЕЊЕ НА ОНЛАЈН НАСТАВАТА

    ТЕТОВСКИ УЧЕНИЦИ ОД СОЦИЈАЛНО ЗАГРОЗЕНИ СЕМЕЈСТВА ДОБИЈА ЛАПТОПИ ЗА СЛЕДЕЊЕ НА ОНЛАЈН НАСТАВАТАЛаптопите се позајмени од тетовските училишта каде што досега се користеа во наставата (Фото: СДК.МК)

    Околу 300 ученици од Општина Тетово кои се во категоријата социјално загрозени семејства ќе добијат лаптоп за следење на онлајн наставата во периодот додека трае вонредната состојба со коронавирусот. Од Секторот за јавни дејности на Општина Тетово велат дека не можат повеќе да ја чекаат донацијата од Владата, па сами реагирале за да можат овие ученици да ја следат наставата.

    „Од Министерството за образование рекоа дека ќе доделат компјутери за учениците од социјално загрозените семејства кои немаат свој компјутер, но тие никако да пристигнат. Токму затоа ние моравме да реагираме за да не трпи наставниот процес за овие ученици. Во првата тура оспособивме околу 300 лаптопи, на кои е инсталиран Виндоус оперативниот систем, а за ден-два ќе добијат и интернет врска. Овие лаптопи се на тетовските училишта кои досега се користеа во наставата. Со оглед на тоа што училиштата сега не работат и наставата се одвива онлајн, а дел од учениците немаат дома компјутер, решивме да им ги дадеме училишните лаптопи, кои по завршувањето на вонредната состојба ќе треба да ги вратат“, изјави раководителот на Секторот за јавни дејности на Општина Тетово, Ахмет Ќазими.

    Според него, оваа акција ќе продолжи, па во наредниот период се предвидува околу 800 ученици од социјално загрозени семејства да бидат опремени со компјутер.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира