ТЕТОВСКИТЕ ШАМПИОНИ ОД СПЕЦИЈАЛНА ОЛИМПИЈАДА ГО ОДБЕЛЕЖАА ДЕНОТ НА АУТИЗМОТ

    ТЕТОВСКИТЕ ШАМПИОНИ ОД СПЕЦИЈАЛНА ОЛИМПИЈАДА ГО ОДБЕЛЕЖАА ДЕНОТ НА АУТИЗМОТАгрон, Сара, Ардијан и Вилдане беа главните ѕвезди на денешното одбележување на Денот на аутизмот во Тетово (Фото: СДК.МК)

    Со спортски натпревари, тетовските членови на Специјална олимпијада Македонија го одбележаа 2 Април, Денот на аутизмот. Сара, Вилдане, Ардијан и Агрон беа дел од спортските настани, кои денеска се одвиваа во спортската сала на Државниот универзитет во Тетово. Заедно со членовите на спортскиот клуб „Студенти“, чии членови се и тие, одиграа еден кошаркарски натпревар, вежбаа на справите и заедно со другите ученици со посебни потреби од основното училиште „Лирија“ од Тетово беа дел од денешното празнување.

    „Кога Сара и Вилдане разбраа дека ќе бидат дел од Специјална олимпијада, беа крајно возбудени. Сара беше цврсто убедена дека ќе освои медал. Не само што го постигна тоа, туку освои два медала. Вилдане, пак, иако медалот ѝ побегна за малку, сепак беше многу радосна и е свесна дека направила вистински подвиг на овие натпревари. Ние навистина сме горди што тие се наши ученички, горди сме и со Ардијан и Агрон, кои до неодамна исто така беа наши ученици“, со гордост зборуваат учителките од посебната паралелка од основното училиште „Лирија“, Нијар Сулејмани и Афердита Исеини.

    Со освоените сребрен и бронзен медал околу вратот, Ардијан Шабани гордо се шеташе меѓу учесниците на прославата. Иако има потешкотии со говорот, успеа да ни каже дека натпреварите во Абу Даби биле тешки, посебно неговата прва трка и дека е многу задоволен од постигнатиот успех. Веднаш до него беше Агрон Хајредини, кој имаше две четврти места.

    „Успесите на овие наши четворица олимпијци се голема сатисфакција, особено за нашата работа со лицата со посебни потреби како професори и тренери. Тие се и поттик за нашите студенти и за сите членови на спортскиот клуб ‘Студенти‘ дека со упорна работа можни се и вакви меѓународни успеси“, изјави професорот Беџет Точи, кој 15 години работи со лицата со посебни потреби.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира