ТЕТОВСКИТЕ СРЕДНОШКОЛЦИ И НАСТАВНИЦИТЕ ПРОТЕСТИРАА ОТИ МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ОБРАЗОВАНИЕ ГИ УКИНА СТИПЕНДИИТЕ ЗА ДУАЛНИ ПАРАЛЕЛКИ

    ТЕТОВСКИТЕ СРЕДНОШКОЛЦИ И НАСТАВНИЦИТЕ ПРОТЕСТИРАА ОТИ МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ОБРАЗОВАНИЕ ГИ УКИНА СТИПЕНДИИТЕ ЗА ДУАЛНИ ПАРАЛЕЛКИМинистерството за образование ја сменило одлуката, па сега на учениците од медицинските училишта во земјава кои се запишани во дуални паралелки им се ускратува стипендијата предвидена за овој вид настава. (Фото: СДК.МК)

    Учениците и наставниците од Средното медицинско училиште „Никола Штејн“ во Тетово денеска излегоа на протест затоа што Министерството за образование ја сменило одлуката, па сега на учениците од медицинските училишта во земјава кои се запишани во дуални паралелки им се ускратува стипендијата предвидена за овој вид настава.

    „Во јануари 2023 година, Министерството за образование и амбасадорката на Швајцарија ја потпишаа втората фаза од Меморандумот за соработка, со грант од 5,9 милиони швајцарски франци, средства кои се наменети за стипендирање на учениците кои се запишуваат во дуалните паралелки на ниво на државата. Ние пријавивме 6 дуални паралелки, 5 на албански наставен јазик и една на македонски наставен јазик, односно за толку имавме можност да склучиме договор со медицинските установи каде овие ученици треба да одат на пракса. Сега, без никакво објаснување, на 18 октомври Министерството го објави конкурсот каде се наведува дека стипендија ќе добиваат 1.500 ученици запишани во дуалните паралелки, но се изземаат учениците од здравствена струка на средните училишта, во кои спаѓа и нашето училишта поради што 150 наши ученици ќе останат без стипендија во висина од 3.500 денари во период од 9 месеци. Ние не знаеме зошто се изземени овие ученици. Испративме барања за писмени одговори до Секторот за стипендии и Центарот за стручно образование, но до денеска немаме одговор“, изјави Бинас Пајазити, директор на „Никола Штејн“.

    Министерството за образование и наука (МОН) соопшти дека следниот месец ќе објави конкурс за доделување на 600 стипендии за ученици кои се запишани во јавните средни училишта во државава и тоа во дуални паралелки во здравствените струки, каде се реализира практично образование со зголемен број на часови.

    „Учениците запишани во здравствените струки годинава не можат да аплицираат на конкурсот за доделување 1.500 стипендии за ученици запишани во дуални паралелки. МОН одлучи да ги одвои, односно за нив да објави посебен конкурс за стипендии, а целта е на сите ученици кои се дел од дуалните паралелки, да им се излезе во пресрет и да се поддржат со финансиска стимулација поради тоа што одбрале дефицитарни струки. Започната е постапката за изменување и дополнување на Програмата за остварување и развој на дејноста во ученичкиот стандард за 2023 година. По објавата на конкурсот, аплицирањето ќе се спроведува електронски, преку порталот www.e-uslugi.mon.gov.mk. Оние кои ќе ја добијат, стипендијата ќе им се исплаќа за целата учебна 2023-2024 година“, вели МОН.

    Освен во Средното медицинско училиште, проблеми има и во тетовската гимназија „Кирил Пејчиновиќ“. Министерството за образование на двапати му ги одзеде ингеренциите на градоначалникот на Општина Тетово Билал Касами да може да назначува директор на гимназијата. Сега, според Касами, поради таа одлука во прашање доаѓа функционирањето на гимназијата, бидејќи таа е во неможност да изврши исплата на потрошената електрична енергија.

    „Министерството по вторпат ги одзеде сите ингеренциите на градоначалникот врз гимназијата иако тоа беше незаконски направено. Сега гимназијата не може да добие дотации од Министерството, а не може да ги добие затоа што на градоначалникот му се одземени ингеренциите, а тие одат преку Советот на Општината. Општина Тетово во овој период нема пуштено финансиски средства на гимназијата, бидејќи гимназијата ја води директорка која има кривична тужба за злоупотреба на средства, и истото е констатирано и од внатрешната ревизија, кои констатирале сериозни прекршувања на користењето на финансиските средствата. Поради оваа причина, Општината не е заинтересирана да дава средства за да продолжат да се злоупотребуваат. Сега гимназијата доцни со обврските за плаќање на струјата, а наскоро исто така ќе имаат проблеми и со исплата на превозниците кои вршат превоз на учениците. Сето ова е поради политички недоразбирања помеѓу локалната и централната власт“, изјави на прес-конференција градоначалникот на Општина Тетово Билал Касами.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира