Во Тетово во октомври по трет пат се одржа „Меѓународниот натпревар за квалитет на медот“ на кој учествуваа 370 медари од 22 земји од целиот свет. Првин меѓународно жири ги оценуваше органолептичките карактеристика на пристигнатите примероци мед, а потоа во лабораторијата на факултетот за храна на Универзитетот во Тетово лабораториски се прегледуваа мострите мед.
Откако заврши целиот процес на оценување организаторите на натпреварот, здруженијата „Полошки мед“ и „Градот на пчелите“, решија сите 450 тегли мед од по половина килограм, кои како мостри беа испратени на натпреварот, да им се донираат на учениците од неколку основни училишта од Тетово и Кичево.
„Медот што беше испратен како мостра за оценување на меѓународниот натпревар ‘Tetovo Honey Avard 2021’ решивме да им го донираме на тетовските и кичевските ученици. Така мед добија учениците од основните училишта ‘Коста Рацин’ од Брвеница, ОУ ‘Гоце Делчев’ и ОУ ‘Лирија’ од Тетово, а исто така од овој мед ќе им биде испратен и на едно училиште од Кичево. Мед што учествуваше на нашиот натпревар е од одличен квалитет и се надеваме дека децата убаво ќе се насладуваат со него, но и дека ќе ја сфатат важноста на медот во исхраната“, изјави Владимир Петровски од Здружението „Полошки мед“.
На третиот натпревар за најквалитетен мед оваа година учествуваа 370 пчелари од 22 земји од речиси сите континенти, а наредната недела се очекува да бидат соопштени победниците на овој меѓународен натпревар.
З. АНДОНОВ