ТЕЦ НЕГОТИНО ПО 12 ГОДИНИ „ЛАДНА РЕЗЕРВА“ ЗАПОЧНА СО ПРОИЗВОДСТВО НА СТРУЈА ОД ЕДЕН КОТЕЛ, ВТОРИОТ ЌЕ СЕ АКТИВИРА ВО ЈАНУАРИ

    ТЕЦ НЕГОТИНО ПО 12 ГОДИНИ „ЛАДНА РЕЗЕРВА“ ЗАПОЧНА СО ПРОИЗВОДСТВО НА СТРУЈА ОД ЕДЕН КОТЕЛ, ВТОРИОТ ЌЕ СЕ АКТИВИРА ВО ЈАНУАРИТермоелектраната ТЕЦ Неготино не работеше од 2009 година, а таа има моќност на производство на струја од 195 до 215 мегавати. (Фото: СДК.МК)

    По 12 години пауза како „ладна резерва“, започна со работа ТЕЦ Неготино. Директорот Небојша Стојановиќ уверува дека ќе го исполнат договорот со АД ЕСМ за производство на електрична енергија. Започнале со работа на 18 декември, половично со еден котел од двата инсталирани.

    „Произведуваме дневно 2 милиони киловат часови, производството се одвива во континуитет. Работиме со еден котел, вториот треба да го активираме во средината на јануари“, кажа Небојша Стојановиќ, директор на ТЕЦ Неготино.

    За почеток на работата на термоелектраната биле обезбедени 38 илјади тони мазут, преку јавен оглас на АД ЕСМ, со кои таа може да работи непречено до средината на јануари. За следните четири месеци, додека трае грејната сезона, до крајот на април, АД ЕСМ планира да објави нов јавен повик за набавка на мазут. На претходниот се јавила само една лиценцирана компанија на мазут, од шесте кои работеле во Македонија.

    „РЕК Битола работи со двата блока, во функција е ТЕЦ Осломеј, хидропотенцијалот ни дава можност за активирање на производство на електрична енергија. Во јануари ќе го вклучиме третиот блок во РЕК Битола и вториот котел во ТЕЦ Неготино. Со тоа целокупниот капацитет на државата ќе биде во функција и ќе произведува електрична енергија“, кажа Васко Ковачевски, директор на АД ЕСМ.

    Надлежните тврдат за разлика од регионот, каде веќе има рестрикции, во Македонија за граѓаните и малите потрошувачи немало да има, бидејќи целиот расположлив капацитет за производство во земјава, бил или ќе биде ставен во функција. Во овој период на енергетска криза биле ставени во погон сите енергетски постројки во земјава.

    „Успеваме да ги обезбедиме сите неопходни количини на јаглен, со дополнителни ископи на рудниците во РЕК Битола, со набавка на увозен јаглен кој овој период доаѓа од Косово и Албанија, како и од домашниот рудник во Берово. Обезбеденото количество мазут доаѓа преку пристаништето во Солун. Со овие капацитети ќе ја издржиме грејната сезона и ќе излеземе од енергетската криза“, додаде Ковачевски.

    Термоелектраната ТЕЦ Неготино не работеше од 2009 година, а таа има моќност на производство на струја од 195 до 215 мегавати.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира