Во каналот Студенчишта кај Билјанини извори во Охрид од пред еден час почна да тоне бродот „Мис Стон” кој беше тука вкотвен со години. Од пловилото се разлеа гориво по целиот канал, а може да се види и на вливот на каналот во Езерото. Поради присуството на големи количини гориво на површината на водата се стравува дека само еден опушок од рибарите кои што тука ловат рива може да пламне цел канал.
Бродот „Мис Стон” во каналот е вкотвен со години. За него долго време никој не се грижеше. Најверојатно поради дотрајаност на пловилото водата навлезе во него и тоа се наведна на една страна и натаму полека тоне.
„Веднаш по дојавата за излеаното гориво од бродот ние се оргнизиравме, обезбедивме пумпи со кои ќе ја извадиме целата количина на горивото од каналот. Нашите екипи се на самото место на настанот и интензивно работаат на остранувањето на горивото”, вели капетанот на Капетанијата во Охрид Горан Устијанивски, кој прв стигна во каналот за да ја санира состојбата.
Ова не е прво потонување на брод во каналот.Пред неколку години тука пропадна хидрокрилниот брод на „Силекс”, но тој немаше мотор и во него немаше гориво.
Каналот Студенчишта се користи за вкотвување на пловни објекти надвор од сезона, бидејќи Охрид нема марина. Многумина предупредуваа дека Билјанини извори може да експлодираат бидејќи токму тука глисерите и јахтите се полнат со гориво од канти од кои истекува нафта во каналот, а тоа може да предизвика на палење на горивото и еколошка катастрофа.