ТОПИЛНИЦАТА НЕ РАБОТИ, АМА ПОЧВАТА ВО ВЕЛЕШКО Е СО ЗГОЛЕМЕНО ПРИСУСТВО НА ТЕШКИ МЕТАЛИ

    ТОПИЛНИЦАТА НЕ РАБОТИ, АМА ПОЧВАТА ВО ВЕЛЕШКО Е СО ЗГОЛЕМЕНО ПРИСУСТВО НА ТЕШКИ МЕТАЛИЕкологистите гледаат надеж во маслодајната репка, која има способност да апсорбира дел од тешките метали и да ја прочисти почвата за пет години (Фото: СДК.МК)

    Почвата во Велешко близу Топилницата не само што е загадена, туку присуството на тешки метали се зголемува иако таа не работи 15 години. Ова го покажале резултатите од испитувањата кои ги спроведе еколошкото друштво „Вила зора“ од Велес минатата година, што сега беа презентирани. Високите вредности се однесуваат на површини кои се наоѓаат во близина на Топилницата, во Речани, Шорка и кај Башино Село.

    „Во 2018, присуството на тешките метали беше високо над референтните. Оловото го имаше 201,6 мг/кг, а кадмиумот 7,2 на длабочина до 20 сантиметри. Годинава, откако извршивме деконтаминација и чистење на почвата, се покажаа и повисоки вредности, што е изненадувачки. Оловото беше присутно со 218, а кадмиумот со 11 мг/кг. Присуството на тешки метали на длабочина од 21-40 см е со тренд на опаѓање. Во 2018 оловото било присутно со 195,2 мг/кг, а кадмиумот со 7,2 мг/кг. По чистењето на почвата следната година резултатите биле далеку подобри. Оловото го имало 82 мг/кг, а кадмиумот 3,6. Ова покажува дека маслодајната репка, со која вршевме деконтаминација, успеала да апсорбира дел од тешките метали. Кај неа, во листот и коренот измеривме присуство на 3мг/кг олово и 2 мг/кг кадмиум“, кажа Кире Кочов од „Вила зора“.

    Бидејќи Македонија нема правилник за присуство на тешките метали во почвата и растенијата, за споредба го земале тој од Холандија. Таму целната вредност за олово е до 85 мг/кг, а на кадмиум е 0,8 мг/кг. Интервентна вредност над која почвата не смее да се користи е 530 мг/кг за олово и 1,2 мг/кг за кадмиум.

    „Причината за поголема загаденост после деконтаминацијата на површинскиот слој на почвата е повторната загаденост со тешки метали. Тие доаѓаат од јаловиштето, ридот со троска на влезот во Велес, но и од прашината со тешки метали, наталожена на објекти од Топилницата. Со секој ветер таа се разнесува по градот и околината, а со дождовите преку подземните води доаѓа до плодните површини. Така што не е точно тврдењето дека Велес нема загадување. Резултатот го покажува спротивното, остатоците од Топилницата и натаму влијаат врз здравјето на велешани“, додаде Кочов.

    Тој посочи дека испитувањата на други култури кои имаат длабок коренов систем, како овошките и грозјето, не покажале присуство на тешки метали. Оловото и кадмиумот ги немало во земени мостри од другите делови околу градот.

    Екологистите надеж гледаат во маслодајната репка. Присуството на тешки метали во неа е енормно над дозволената количина, што покажува дека маслодајната репка ги апсорбирала дел од нив и има капацитет да ја прочисти почвата за пет години. Но, дел од засадените површини со неа не ги дале очекуваните резултати. Проблем била големата суша во есенските и во зимските месеци.

    Оловото и кадмиумот стручњаците ги посочуваат како најотровни и најштетни метали по здравјето на луѓето. Пролетоска, Агенцијата за храна објави дека во 2017 и 2018 во спанаќот и марулата од Велешко има тешки метали и тоа со високи вредности. Ги немало кај грозјето и младиот кромид.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира