ТРИУМФАЛНАТА ПОРТА ВО СКОПЈЕ, ВРЕДНА 4,5 МИЛИОНИ ЕВРА, СЕ ОТВОРА ЗА ГРАЃАНСКИ ВЕНЧАВКИ

    ТРИУМФАЛНАТА ПОРТА ВО СКОПЈЕ, ВРЕДНА 4,5 МИЛИОНИ ЕВРА, СЕ ОТВОРА ЗА ГРАЃАНСКИ ВЕНЧАВКИСвечената сала во Порта Македонија ќе се користи за изведување службени венчавки секој четврток, петок, сабота и недела, во термин од 14 до 17 часот. (Фото: СДК.МК)

    Свечената сала во објектот Порта Македонија во најстрогиот центар на Скопје, познат и како Триумфална Порта, ќе може да се користи и за организирање церемонии на венчавање и вршење на соодветните услуги за запишување брак во матичните книги, соопшти Управата за водење на матичните книги.

    Управата вели дека за таа цел денеска е потпишан меѓуинституционален договор со Националната установа (НУ) Музеј на македонската борба за самостојност – Скопје. Според договорот, Управата ќе има право да ја користи просторијата секој четврток, петок, сабота и недела, во термин од 14 до 17 часот, за изведување службени венчавки. Соработката стапува во сила од 1 јуни и ќе трае до 31 декември годинава, со можност за продолжување по взаемна согласност на страните, вели Управата.

    „Ова претставува значаен чекор кон унапредување на квалитетот на услугите за граѓаните, овозможувајќи им да го реализираат чинот на венчавање во посебен, достоинствен и незаборавен амбиент – во срцето на Скопје. Управата за водење на матичните книги останува посветена на својата мисија за приближување на јавните услуги до граѓаните, со човечки пристап и реална примена во секојдневниот живот“, соопшти Управата.

    Капијата, направена да го величи триумфот во Македонија, е дел од озлогласенот проект „Скопје 2014“ на Владата на ВМРО-ДПМНЕ на чело со Никола Груевски за кој беа потроени 700 милиони евра. Релјефите на објектот висок 12 метри се дело на авторката Валентина Стефановска-Каранфилова, а изградбата на самата порта чинеше околу 4,5 милиони евра.

    Портата беше свечено пуштена во употреба првпат на Бадник 2012, а имаше и второ официјално отварање во октомври истата година, кога Министерството за култура промовираше монографија за тоа како се градеше и што претставуваат релјефите поставени на нејзината фасада, па уште еднаш свечено ја пушти во употреба.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира