Управата за заштита на културно наследство (УЗКН) ќе побара црквата „Света Богородица“ во кумановското село Матејче да биде прогласена за културно наследство во опасност. Директорката Елеонора Петрова-Митевска, вели дека црквата е еден од најзначајните објекти во Република Македонија и ваква грандиозна и велелепна архитектура може да се спореди само со црквата „Света Софија“ во Охрид.
„По нашата посета, ние ќе го обновиме барањето за прогласување на оваа црква за културно наследство во опасност, а ќе направиме и иницијатива за алоцирање на одредени средства за локалната самоуправа. Кога ќе се прогласи за културно наследство во опасност значи зголемена грижа за објектот од институциите што се должни да водат грижа, перманентна посета и водење сметка дали сè е во ред. Како споменик на култура, од повеќе аспекти, да се заинтересираат сите оние кои можат да помогнат состојбата на оваа црква да се поправи, поради тоа што е навистина тажно ваков споменик на култура да биде во ваква состојба“, рече Петрова-Митевска.
Директорката рече дека дошле во Матејче не само да направат увид во состојбите, туку да го подигнат нивото на видливост на проблемот.
Граѓаните кои на празникот Мала Богородица го посетија Матејче, ги пречекаа скршени врати и поголем дел од стаклата на прозорците во црквата.
„Поради тоа што недостасува јужната порта, а голем дел од стаклата се искршени, ветер и влага влегуваат во објектот и го уништуваат фрескоживописот, кој е од вонсериско значење, а и подот на црквата и врзните партии на тој начин се оштетуваат. По 2001 година направена е сериозна конзервација и црквата е доведена во состојба во којашто можеше да функционира, меѓутоа сега недостатокот на портата и искршените стакла овозможуваат климатските промени да делуваат на нејзино уништување. Црквата е изградена 1362 и за нас е од особена важност да ја сочуваме барем во состојбата во која е сега, бидејќи не можеме да го вратиме во периодот од пред дваесетина години“, рече Петрова-Митевска.
Фрескоживописот во црквата е карактеристика на 14 век и е од извонредно значење, бидејќи на десниот ѕид е насликан ктиторот цар Душан, потоа кралицата Елена и малиот Урош. Кога е подигната црквата веднаш потоа Душан умира, а по неговата смрт, неговата сопруга Елена и неговиот син Урош ја доградиле и живописале. Црквата „Света Богородица“ во Матејче во себе го содржи најголемиот насликан ансамбл од 14 век на македонската територија и е еден од најрепрезентативните споменици на византиската уметност на македонска почва и ремек-дело на дворскиот стил кој што бил карактеристичен за епохата на Палеолозите. И покрај сите премрежиња, црквата и денеска му пркоси на времето.
Комплексот „Света Богородица“ со конаците и детското одмаралиште над селото Матејче во Општина Липково на Скопска Црна Гора, беше омилено место за посета на кумановци. Во воениот конфликт во 2001 голем дел од црквата беше уништен, а фреските оштетени. Последните години црквата се посетува само за празникот Мала Богородица на 21 септември. На годинашаната прослава градоначалникот на Куманово Максим Димитриевски најави дека преку североисточниот регион ќе направат проект за изградба на патот во должина од 12 километри, како и обновивање на конаците за туристички цели.
С. НИКОЛИЌ