Дваесетина лица над 65 години, претежно жени од Општина Босилово, секојдневно се собираат во Центарот за дневен престој на стари лица за активно стареење во Турново. Станува збор за центар кој функционира веќе три години, каде лицата од третото доба се собираат и се дружат, а паралелно се ангажираат во разновидни активности за активно и квалитетно да го исполнат сопственото време.
Одговорни за Центарот во Турново се од Црвениот крст Струмица, како давател на социјалната услуга, и на месечно ниво креираат активности и програми на кои работат корисниците. Центарот за активно стареење е сместен во некогашниот Дом на култура, кој се адаптираше преку проектот за подобрување на социјалните услуги на Министерството за социјална политика, со поддршка на Светската банка. Таму имаат неколку простории и кујна.
„Со овој проект се очекува да се поттикне активен живот на старите лица во руралните средини, кои со бранот на иселување на младите останаа сами по селата. Тука се собираат и се дружат, но и изработуваат рачни творби како плетива, џемпери, стекнуваат или ги усовршуваат кулинарските вештини. Потоа имаат предавања од повеќе области, како ментално здравје, безбедност во сообраќајот, здравство, а соработуваме и со повеќе граѓански здруженија и училишта“, ни кажа Ева Младенова од струмичкиот Црвен крст.
Турново важи за едно од струмичките села со најмногу иселеници. Повеќе од половина од селските куќи живнуваат само преку лето или празници, кога се враќаат гастарбајтерите на своите родни огништа. Во останатите живеат само постарите. Меѓу нив е и Нада Илиева од Турново. Нејзините се во Италија и таа секој ден доаѓа во Центарот.
„Место кај комшии на маала, тука си доаѓам. Еве тука се дружиме, си муабетиме и си плетам. Еве си плетам џемпер, а ја потсетив како се плете и другарката што е до мене. Како не е добро да се има таков центар. Место дома да плетам сама, еве тука доаѓам. Сама сум, децата ми се во странство и тука се дружиме, готвиме, имаме и друштвени игри, доаѓаат ученици, секој ден има по нешто“, вели Илиева.
Освен од Турново, во Центарот има и кориснички од останатите населени места во Општина Босилово. Каљопа Чкаровска секој ден патува по околу пет километри од Босилово до Турново за да биде со своите „колешки“ во Центарот. Таа играше шах со една пријателка. Вели дека претходно ништо не знаела за оваа игра, но благодарение на дел од корисничките научила да игра и шах и карти.
„Кога доаѓам овде, не се чувствувам дека сум толку возрасна. Едноставно не ги осеќам толку годините. Има доста активности и секој ден се дружиме. Играм шах во моментов. Сѐ уште губам, но ќе добијам некоја партија. Кога се враќам во Босилово, на соседите и останатите им кажувам дека е добро да се биде корисник на услугите во Центарот, оти овде има доста социјализација“, вели Чкаровска.

Ракотворбите, шалови, џемпери, чорапи изработени на повеќе работилници ги продаваат, а со собраните средства купуваат намирници за социјално загрозени семејства. (Фото: СДК.МК)
Вакви центри се потребни по руралните средини, имајќи предвид дека струмичките села останаа само со постари лица, смета Ванѓа Пенева, пензионирана учителка која е дел од почетокот на работата на Центарот за активно стареење. Според неа, ваков клуб, центар или просторија со организирани активности за повозрасните лица мора да има и во другите селски општини.
„Повозрасните лица во Струмица и во останатите урбани места имаат каде да се прошетаат и разонодат. Имаат паркови, пензионерски клубови, како и различни културни активности и манифестации. Тоа по селата го нема. Едноставно, ние повозрасните лица сме врзани да бидеме само дома. Затоа апелирам до сите општини да најдат начин, дали преку проекти или донатори, да отворат вакви центри, оти сѐ повеќе возрасни лица живеат по селата“, кажа Пенева.
Корисниците на Центарот во изминатите три години биле дел и од повеќе хумани акции. Ракотворбите, шалови, џемпери, чорапи изработени на повеќе работилници ги продаваат, а со собраните средства купуваат намирници за социјално загрозени семејства. Најмногу се среќни кога ги посетуваат младите и кога ги учат на кулинарски вештини.
В. ТРАЈКОВ







