ТУРИСТИЧКИ ПАТОКАЗИ НА „ТАРЗАН ИНГЛИШ“ ПОСТАВЕНИ НИЗ СТРУМИЦА

    ТУРИСТИЧКИ ПАТОКАЗИ НА „ТАРЗАН ИНГЛИШ“ ПОСТАВЕНИ НИЗ СТРУМИЦАОд струмичкиот Завод и Музеј велат дека таблите со грешки ќе бидат повлечени и заменети со нови. (Фото: СДК.МК)

    Поради граматички грешки и несоодветна транскрипција на англиски јазик, знаците и патоказите што беа поставени во Струмица од струмичката Национална установа (НУ) Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј наидоа на остри реакции во јавноста. Граѓаните почнаа да споделуваат фотографии од таблите со забележаните грешки, кои се дел од проектот за набавка на туристичка сигнализација во Општина Струмица. Од Завод и Музеј велат дека таблите со грешки ќе бидат повлечени и заменети со нови.

    Граѓаните почнаа да споделуваат фотографии од таблите со забележаните грешки, кои се дел од проектот за набавка на туристичка сигнализација во Општина Струмица. (Фото: СДК.МК)

    Станува збор за проект со кој на повеќе локации во градот треба да бидат поставени вкупно 89 знаци и патокази што ќе водат до позначајните културно-историски споменици и археолошки локалитети. Договорот за изработка и поставување на сигнализацијата лани во ноември го добила скопската фирма „Виа сигнал“. Таа била единствен понудувач на јавната набавка. Договорот е во вредност од 420.000 денари, односно околу 4.720 денари по патоказ.

    Грешките ги има и во техниката спецификација на набавката. (Фото: СДК.МК)

    Изведувачот работел според приложената техничка спецификација од Заводот и Музеј – Струмица, во која биле наведени димензиите на патоказите, видот на писмото што треба да биде испишано на таблите, како и количините за испорака. Од Заводот и Музеј Струмица ни кажаа дека техничката документацијата врз основа на која била распишана јавната набавка е дел од основен проект изработен од друга фирма.

    „Сакаме да ја информираме јавноста дека овие пропусти не се резултат на работа или постапка на НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Струмица. Во интерес на точноста и коректното информирање, таблите со грешки ќе бидат повлечени и ќе бидат поставени нови табли во текот на следните денови. Им благодариме на граѓаните за разбирањето и на сите што укажаа на забелешките. Остануваме посветени на професионално и прецизно претставување на културното наследство и јавната сигнализација“, влат од Завод и Музеј – Струмица.

    Со проектот е предвидено поставување патокази кон манастирите „Свeта Богородица Елеуса“ и „Свети Леонтиј“ во селата Вељуса и Водоча, црквите „Свети Петнаесет Тивериополски Свештеномаченици“ и „Свети Кирил и Методиј“ во Струмица, средновековната црква, Спомен-костурницата над градот, Спомен-куќата на Благој Јанков-Мучето, како и археолошките локалитети Мачук и Цареви Кули.

    В. ТРАЈКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира