При рутинска контрола на возило, службеници на СВР Тетово откриле лице кое лажно се претставувало како полицаец. Лицето било затекнато вчеравечер во 20.10 часот на магистралниот пат Гостивар-Кичево, кога полициските службеници забележале паркирано патничко возило „Мазда“ со скопски регистарски ознаки, во кое се наоѓало лицето С.М. (40) од Тетово.
Полициски службеници извршиле претрес на возилото и на С.М., при што биле пронајдени: изработена службена легитимација со амблем на МВР на Република Македонија со фотографија на С.М. но гласела на друго име, фосфорно елече, мал нотес со патни налози и освежувач на воздух со амблемот „Полиција“.
Бидејќи сликата и името на полициската легитимација не се совпаѓале, поради лажно претставување, по член 391 од Кривичниот законик на Република Македонија, С.М. бил лишен од слобода и задржан во полициската станица Гостивар за понатамошна постапка. Според СВР Тетово, С.М. од порано бил евидентиран како сторител на неколку кривични дела „измама“.
З. АНДОНОВ