УКРАДЕНИ СЕМАФОРИТЕ ОД ОБИКОЛНИЦАТА ВО БИТОЛА, ПОСТАВЕНИ ВО ПЕТОКОТ

    УКРАДЕНИ СЕМАФОРИТЕ ОД ОБИКОЛНИЦАТА ВО БИТОЛА, ПОСТАВЕНИ ВО ПЕТОКОТСемафорите во петокот беа поставени кај свлечиштето на обиколницата во Битола во должина од 500 метри од двете страни на патот и беа во функција. (Фото: СДК.МК)

    Засега нeпознати лица ги украле семафорите сосе акумулатори и патната сигнализација кои во петокот беа поставени кај свлечиштето на обиколницата над Битола што е дел од регионалниот пат Прилеп-Охрид.

    „Украдени се семафорите дури и со акумулатори, а исто така и патната сигнализација што беше поставена. Обиколницата требаше да биде пуштена во употреба утре зашто ќе има реконструкција на влезот за Битола од страната на Прилеп, па возилата ќе треба да минуваат низ обиколницата. Семафорите беа на фирмата изведувач ’Илинден‘ која имаше добиено и одобрение за пренамена на режимот на сообраќај“, рече за САКАМДАКАЖАМ.МК инспекторот за патишта Сашо Здравевски.

    Семафорите во петокот беа поставени на обиколницата во должина од 500 метри од двете страни на патот и беа во функција.

    Патот беше затворен за сообраќај во јануари минатата годинава, со образложение од „Македонија пат“ дека е опасен за возилата поради одрони и дека ќе остане така сè додека не се направи санација. Периодот лани се поклопи и со честите протести на ромското население кое живее во населба крај обиколницата, кое среде пат палеше насобран смет зашто во најстудените денови остануваше без струја.

    Обиколницата последниве месеци често пати беше тема за меѓупартиски препукувања во Битола.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира