УЛИЦИТЕ ВО ТЕТОВО КОИ СЕ СО БРОЈ ЌЕ ДОБИЈАТ ИМЕ, А НЕКОИ КОИ СЕ ОД ВРЕМЕТО НА ПОРАНЕШНИОТ СИСТЕМ ЌЕ СЕ ПРЕИМЕНУВААТ, КАЖА КАСАМИ

    УЛИЦИТЕ ВО ТЕТОВО КОИ СЕ СО БРОЈ ЌЕ ДОБИЈАТ ИМЕ, А НЕКОИ КОИ СЕ ОД ВРЕМЕТО НА ПОРАНЕШНИОТ СИСТЕМ ЌЕ СЕ ПРЕИМЕНУВААТ, КАЖА КАСАМИКасами уверува дека нема да се носат одлуки и решенија што би биле спротивни на интересите на граѓаните (Фото: СДК.МК)

    Градоначалникот на Тетово Билал Касами на денешниот брифинг со новинарите појасни дека немало да се преименуваат имињата на улиците во Тетово, туку ќе се работи на првично евидентирање на улиците, регистрирање и потоа именување на улиците кои се со број. Всушност, ќе се преименувале имињата на некои улици кои немале никаква поврзаност со Македонија и некои кои се од времето на минатиот систем. Новите имиња ќе иделе и на јавна расправа, а Касами уверува дека нема да се носат одлуки и решенија што би биле спротивни на интересите на граѓаните.

    Согласно последната одлука на Советот, се формираше комисија која ќе ја реализира целата оваа постапка за именување на улиците. Набрзо треба да има објава за предлози од граѓаните на Тетово како сакаат да бидат именувани улиците, тие предлози после ќе треба да одат на јавна дебата, а комисијата ќе оцени дали предлогот е прифатлив или не е и истиот ќе се достави до Советот на Општина Тетово“, изјави Касами.

    Тој вели дека некои имиња на улици сепак ќе се преименуваат ако така одлучи комисијата за именување на улиците.

    Ние не можеме да бидеме заложници на едно време, знаеме дека Македонија до 1990-тите беше под Југославија и беше комунистички систем каде што имаше други херои кои ги славевме. Сега сме демократска држава, имаме нов концепт врз кој ги создаваме институциите и ја градиме државата и тоа е европски демократски концепт, што сигурно ќе се рефлектира и во имињата на улиците во Тетово. Ова не е против никоја етничка група во градот, туку е во интерес на сите етнички групи. Во Тетово има улица со име Кавкашка и не знам што сакаме да покажеме со тоа име, како и уште неколку имиња со кои немаат ништо заедничко ни Тетово, ни Македонија. Тие улици сигурно ќе се преименуваат, но улиците на македонските херои кои се од ова време сигурно дека ќе бидат земени предвид и ако комисијата одлучи да останат, ќе останат“, додава Касами.

    Вели дека во составот на комисијата која треба да го изврши именувањето на улиците има Албанци, Македонци, претставници на позицијата и опозицијата во Советот, како и надворешни стручни лица.

    Ваквите изјави на Касами наидоа на голем револт кај Сојузот на борците од НОВ во Тетово.

    Како овој човек не може да сфати дека оваа држава почива врз АСНОМ-ски темел? Не можеме да зборуваме за остатоци од комунизмот, туку, напротив, зборуваме за борба за создавање современа македонска држава која е темелно поврзана со историјата на нашиот град Тетово. Кога некој ќе ни каже дека приоритетна работа во Тетово се имињата на улиците, а сме опколени со безброј проблеми, тоа е надвор од секој здрав разум“, вели Дарио Сотировски од претседателството на Сојузот на борците од Тетово.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира