Ултрамаратонецот Николчо Ѓоргиев, родум од струмичко Сушица кој живее и работи во Швајцарија, во соработка со ВК „Актив“ од Струмица и фамилијата Истатов го реализираа настанот „Трчаме со Николчо“ во чест на фудбалската легенда на Македонија, Благој Истатов. Тој пред велигденските празници трчаше 40 и возеше велосипед 150 километри од Струмица преку Радовиш, Неготино, Гевгелија, Удово и Валандово до Дојран, со цел да ја пренесе пораката од Истатов дека во спортот нема откажување.
Седум часа и 40-ина минути траеше подвигот на Ѓорѓиев, кој прво трчаше 10 километри, па со велосипед возеше до Гевгелија преку Криволак и се врати до Удово. Оттаму повторно трчаше, при што цело време беше придружуван од велосипедистите на „Актив“. На последните 15 километри му се придружи и 12-годишниот син Дамиан, со кого стасаа во Дојран до СРЦ „Истатов“, каде што ги пречекаа членовите на потесното семејство на Истатов. Станува збор за спортска дисциплина дуатлон, трчање и возење велосипед, која Николчо ја практикува во Швајцарија
„Најтешко ми беше на делницата од Радовиш до Неготино, кога возев велосипед. Поради врнежливото и студено време, како да не ги чувстував зглобовите, но помислата дека тоа го правам за Истатов ми даде некоја сила. Лично го познавав, но доста имав и слушано за него. Тој секогаш велеше дека во спортот не треба откажување. Мојата цел, заедно со велосипедистите од ‘Актив‘, е да не се заборават ликот и делото на Истатов, но и да испратиме силна порака дека сите треба да спортуваат и да се грижат за здравјето“, изјави Николчо, на кого во Гевгелија му се приклучија и велосипедисти од „Гевгелија на точак“.
Три години по ред, Ѓорѓиев и „Актив“ посветуваат настан на Благој Истатов, со цел да ги анимираат маратонското трчање и возењето велосипед на југоистокот. Почнаа со маратонско трчање од Струмица до Дојран, за потоа да воведат и возење велосипед. Вели дека учеството на синот во последните 15 километри му дало дополнителна мотивација.
„По Валандово ми пренесоа порака од семејството Истатов да издржам, и покрај силниот дожд. По пораката, но и кога видов дека ми се приклучува и синот Дамиан, последните километри како да не ги чувствував, трчев со леснотија“, раскажува Ѓорѓиев, кој своевремено трчаше и за подигање на свеста за лицата со пулмонална хипертензија.
Благој Истатов почина пред пет години на 71-годишна возраст. Беше голман на Беласица, Победа, Партизан и Утрехт, но и на фудбалската репрезентација на Југославија. По завршувањето на кариерата беше тренер на повеќе клубови во земјава и странство, а во негова чест стадионот „Младост“ во Струмица беше преименуван во „Благој Истатов“.
В. ТРАЈКОВ