ВАЛАНДОВЧАНИ ГО БЛОКИРАА ПАТОТ КОН ГЕВГЕЛИЈА, БАРААТ ИТНО РЕФЕРЕНДУМ

    ВАЛАНДОВЧАНИ ГО БЛОКИРАА ПАТОТ КОН ГЕВГЕЛИЈА, БАРААТ ИТНО РЕФЕРЕНДУМБлокади на клучката ќе има секој ден, додека Советот не закаже седница. - Од денешната блокада (Фото: Спас за Валандово)

    Валандовчани денес од 11 часот ја блокираа клучката Валандово-Пирава-Марвинци, бидејќи Советот на општината вчера не закажа вонредна седница на која ќе се донесе одлука за референдум на која тие треба да се изјаснат дали се за отворање или се против рудници и за стопирање на изградбата на рудникот Казандол.

    Блокадата на клучката која го поврзува Валандово со Гевгелија ќе трае до 14 часот, а полицијата го пренасочува сообраќајот по споредни патишта. Активистите од „Спас за Валандово“ минатата недела до претседателката на Советот на општината Јасмина Сечкова ги доставија потребните потписи за распишување на референдум. Таа во соопштение до јавноста кажа дека потписите се доставени и дека седница ќе закаже во законскиот рок, без да прецизира кога.

    „Решивме да ја блокираме клучката, бидејќи Советот на Општина Валандово не закажа вонредна седница на која треба да се донесе одлука за одржување на референдум. Минатиот петок во општината доставивме петиција со 2.213 потписи за да се распише референдум и законски Советот има рок од 60 дена да ја одржи седницата и да донесе одлука. Но, ние бараме вонредна седница, за да може референдумот да се оддржи што поскоро, односно најдоцна до 16 јули“, вели Роберт Марков, активист на граѓанската иницијатива „Спас за Валандово“.

    Од „Спас за Валандово“ велат дека ако до крај се почитуваат законските рокови за носење на одлуката, односно ако Советот чека на 59 ден да ја оддржи седницата, потоа треба да тече и рок од 60 дена за одредување на датумот за референдум, тој би се оддржал дури околу 15 октомври.
    „Тогаш ќе биде доцна, бидејќи дотогаш и рудникот Казандол ќе почне со работа. Тие најавија дека ќе го отворат во август, сега разбравме дека е пролонгирано отворањето. Дотогаш ќе заврши и мандатот на сегашниот состав на Општината и практично нема да има референдум.
    Блокади на клучката ќе има секој ден, додека Советот не закаже седница.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира