Две противпожарни возила целосно опремени со капацитет од 5 и 2 тони литра вода, како и теренско возило за брза интервенција, доби Општина Василево како донација, со што и официјално ја почна постапката за формирање доброволно противпожарно друштво.
Како што кажа градоначалникот Славе Андонов, потребата од противпожарно друштво е голема, бидејќи Општина Василево територијално е огромна и контуинирано има пожари на отворен и затворен простор.
„Сите ние многу добро ја знаеме потребата од овие возила. На прагот сме од летото и потребата од противпожарна опрема е повеќе од голема. Неретко во нашата општина се случуваат пожари, скоро да нема лето без пожари. Искрено се надевам дека многу ретко ќе ги користиме активностите и опремата на друштвото“, кажа градоначалникот Андонов.
Возилата се донација благодарение на заложбите на Бранко Ефтимов и неговата фирма, со чии врски тие се добиени од Словенија и Хрватска. Едно од возилата има голема современа опрема за интервенции при пожари на затворен простор.
„Би сакал овие возила да стојат и да не работат и да се најдеме во друга област да инвестираме“, рече Ефтимов.
Доброволното противпожарно друштво во Василево ќе се вика „Турија кристал“ и доби просторија во зградата на Домот на културата. Наредната недела ќе биде распишан оглас за прием на членови. Освен во Василево, во тек е постапка за формирање добороволно противпожарно друштво и во Ново Село, а лани во Струмица се формираше вакво друштво кое веќе учествува во интервенции.
В. ТРАЈКОВ