ВЕЛЕС ДОБИ 12 МЕРНИ ИНСТРУМЕНТИ ЗА КВАЛИТЕТ НА ВОЗДУХОТ, ПОДАРОК ОД ХОЛАНДСКИ БРАЧЕН ПАР

    ВЕЛЕС ДОБИ 12 МЕРНИ ИНСТРУМЕНТИ ЗА КВАЛИТЕТ НА ВОЗДУХОТ, ПОДАРОК ОД ХОЛАНДСКИ БРАЧЕН ПАРВелес досега имаше само еден инструмент за мерење квалитет на воздухот. (Фото: СДК.МК)

    Велес доби 12 мерни инструменти за мерење на квалитетот на воздухот. Тие се донација од холандскиот брачен пар Александер и Ива Долстра, вредни повеќе од две илјади евра.

    Претходно, Општина Велес се обратила до Министерството за животна средина да добие дополнителен број мерни инструменти, бидејќи постојниот еден не дава реални параметри за загаденоста на воздухот во градот. Тој се наоѓа во населбата Тунел, додека стариот дел на Велес, каде семејства се греат на огревно дрво, нема мерен инструмент.

    „Побаравме да добиеме два или три мерни инструменти за квалитетот на воздухот. За жал, не добивме позитивен одговор. Затоа оваа донација е добредојдена. Анализата покажа дека освен првичните 10 имаме потреба од уште два, кои ги добивме. Со нив можеме да лоцираме евентуално загадување на воздухот и можен сторител, со ваква покриеност на градот со мерни апарати. Така ќе биде и санкциониран“, вели Петре Цилаков, раководител на сектор во Општина Велес.

    Тие се лоцирани на јавни институции во градот, училишта, градинки. Податоците се достапни за ситe преку апликацијата „Аir care“. Мерните инструменти ги мерат вредностите на ПМ10 и ПМ2,5 честичките и работат на струја и со вифи.

    Во наредниот период, во Велес треба да биде поставен и апарат за мерење на радиоактивноста во воздухот, преку јонизирачки апарат обезбеден од Институтот за јавно здравје. Со него градот ќе биде дел од Европската мрежа каде ќе бидат прикажани вредностите 24 часа неделно.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира