Велешанец кој возел без возачка дозвола и пијан, удрил во две возила, ја скршил рампата на автобуската станица и продолжил да вози. Бил уапсен близу црквата „Св. Богородица“. Нема повредени во дивеењето на пијаниот возач, соопшти Службата за внатрешни работи (СВР) Велес.
„На 7 мај во 23.45 часот на улица Прохор Пчински во Велес, полициски службеници од СВР Велес го лишиле од слобода С. Д. (50) од Велес. Тој, управувајќи патничко возило ‘сеат’ со велешки регистарски ознаки без возачка дозвола, на улица Димитар Влахов во Велес удрил во патничко возило ‘опел’, управувано од Р. И. (44) од Велес. Потоа продолжил со движење и на улица Петре Прличко удрил во рампа на автобуската станица, но повторно не застанал и на улица Јордан Хаџи Константинов-Џинот удрил во паркирано патничко возило ‘тико’ со велешки регистарски ознаки. По преземени мерки, полициски службеници го запреле, а од извршените проверки било констатирано дека го управувал возилото со 2,16 промили алкохол во крвта“, соопшти Биљана Ѓаковска, портпаролка на СВР Велес.
С. Д. бил задржан во полициска станица, известен бил јавен обвинител и по документирање на настанот против него ќе биде поднесена пријава по член 297 А од Кривичниот законик за Безобѕирно управување со моторно возило и поднесоци од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата.
П. ПЕЧКОВ