ВЕЛЕШКИОТ ПАЗАР Е ПРАЗЕН И ПУСТ, НОВИОТ ЗАКОН ЗА ТРГОВИЈА ГИ ИЗБРКА ЗЕМЈОДЕЛСКИТЕ ПРОИЗВОДИТЕЛИ

    ВЕЛЕШКИОТ ПАЗАР Е ПРАЗЕН И ПУСТ, НОВИОТ ЗАКОН ЗА ТРГОВИЈА ГИ ИЗБРКА ЗЕМЈОДЕЛСКИТЕ ПРОИЗВОДИТЕЛИНа велешкиот пазар има 115 тезги кои се нудат под закуп, а ако остане законот, 79 пазарџии најавија дека ќе си заминат (Фото: СДК.МК)

    Вторник, пазарен ден во Велес, а пазарот е празен и пуст. Повеќе купувачи отколку продавачи. Ваква е сликата од почетокот на годината, откако стапи на сила Законот за трговија на пазарите.

    „Ова е резултат на новиот Закон за трговија, кој ги избрка земјоделските производители од пазарите. Наместо да работиме, еве се собравме неколкумина на муабет, иако времето е студено. Без пазар не можеме. Нѐ бркаат да продаваме надвор од пазарот, со сила создаваат сива економија“, вели Стојан Димов, одгледувач на градинарски култури.

    Друг негов колега се чуди како со зелка што ја одгледува да плати лиценца, тезга и придонеси, а таа ја има само два месеци во годината. Се прашува што ќе продава другите 10 месеци. На пазарот денеска немаше компир, морков и зелка, туку само јужно овошје и јаболка. И купувачите реагираат на ваквата слика на велешкиот пазар.

    „Има само препродавачи, производителите си заминаа. Ги избркаа со новиот закон, а нас зорле нѐ тераат во пиљара да купуваме. Пазарот е ритуал, да се видиш со луѓе, да направиш муабет“, вели Зоран Стојановски, велешанец кој дошол да купува, а си замина со празни раце.

    Празната слика ја илустрираат и бројките колку тезги останале да работат.

    „На велешкиот пазар има 115 тезги кои се нудат под закуп. Ако овој закон остане, 79 пазарџии најавија дека ќе си заминат“, кажа Љупче Лазевски, раководител на РЕ „Пазари“ при ЈКП „Дервен“, кој стопанисува со пазарот.

    Со тоа би останале само третина од досегашните закупци на тезги. Тие и сопствениците на пазарите неодамна имале состанок, на кој укажале на лошата состојба со бројот на закупени тезги од почетокот на годинава и преку Стопанска комора на Македонија побарале измени на регулативата.

    „Доколку законот остане на сила, се загрозува дејноста и се доведува во прашање опстанокот на зелените пазари. Ќе се намали обемот на работа, ќе падне прометот, за 30 до 50 проценти ќе се намали прометот, а со тоа и приходите и бројот на вработени на пазарите. На крајот, ќе паднат и даноците и придонесите кон државата“, предупредуваат од Стопанска комора.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира