Основното јавно обвинителство Велес отвори предмет по допрен глас по објавите во медиумите и јавното соопштение на митрополитот Агатангел и Повардарската епархија, со кое ги повикува верниците на масовно одење во храмовите за време на верскиот празник Духовденска Задушница, соопшти Јавното обвинителство.
Оттаму додаваат дека повикот на владиката се однесува на петок и сабота, во тек на целиот ден, додека во сила е забраната за групирање на територијата на целата држава, забраната за движење на населението во одредени временски периоди и забраната за пристап до гробишта.
„Со цел утврдување на факти во предметот и евентуална кривична одговорност, велешкото обвинителство даде насоки на СВР Велес за обезбедување на податоци во однос на стореното дело и испитување на околностите дали содржи обележја на кривично дело, како и во поглед на почитувањето на мерките кои се определени од страна на Владата на Република Северна Македонија”, велат од обвинителството.
Претходно денеска, министерот за здравство Венко Филипче побара од Агатангел да го повлече повикот до верниците.