Верски објект никна на брегот на реката Кумановска во населбата Бавчи, спроти комплексот згради кај „Мај маркет“. Објектот почна да се гради пред околу еден месец и првично се претпоставуваше дека се работи само за уште една станбена дивоградба. Но, објектот доби купола, веќе е варосан и најверојатно наскоро ќе биде пуштен во употреба.
Неофицијално, го гради физичко лице во име на дервишката заедница за извршување на верски обреди.
Граѓаните кои живеат во тој дел на градот реагираат и бараат надлежните под итно да ја отстранат дивоградбата. Од Секторот за инспекциски надзор во Општина Куманово велат дека објектот нема одобрение за градба и се подига на државно земјиште, поради што ќе биде отстранет.
„Овластен градежен инспектор од Општина Куманово излезе на терен откако започна да се гради објектот и констатираше дека се гради нелегално, без дозвола. Имаме записник, кој е потпишан од градителот и донесено е решение за отстранување на објектот. Доколку во дадениот рок не го отстранат сами, ќе се издаде решение за административно отстранување, односно Општина Куманово ќе пристапи кон административно отстранување на тој објект, а трошоците ќе ги сноси самиот инвеститор. Тие и покрај нашата забрана, продолжија со изградба на објектот“, изјавија од Секторот за инспекциски надзор.
Оттаму додаваат дека покрај тоа што ќе биде урнат објектот, инвеститорите ќе заработат и кривична пријава за нелегална градба на узурпирана површина.
С. НИКОЛИЌ