Регистрирани се уште двајца заразени со шуга во касарната во Велес, со што вкупниот број на заболени е четири лица. Првиот случај бил внесен од надворешен контакт во касарната „Алексо Демниевски-Бауман“, велат лекарите од Воено-медицинскиот центар (ВМЦ) во Скопје.
Денеска во велешката касарна и во Штип од редовниот викенд се вратиле 292 професионални војници, чии колеги се регистрираните со заразната кожна болест. Сите четири заразени лица се на домашна нега.
„Засега се регистрирани четири случаи, без потреба од изолација. Заразените лица се на домашно лекување, а останатите продолжуваат со своите редовни работни обврски во единицата. Ова не е карантинско заболување, потребно е болниот да биде издвоен и да престојува дома, со сопствен кревет или легло. Друга изолација не е потребна. Останатите лица секојдневно се следат и доколку се појават промени или симптоми, се упатуваат на дополнителни прегледи. Засега такви случаи нема. Првиот случај е внесен од надвор“, изјави д-р Лариса Оранска, потполковничка во Воено-медицинскиот центар во Скопје.
За време на изминатиот викенд била спроведена целосна дезинфекција и дезинсекција на просториите во касарната во Велес, каде што се сместени новопримените професионални војници.
„На превентивен преглед се упатени сите војници кои биле во контакт со заразените лица. Во текот на викендот е извршена целосна замена на постелнината, дезинфекција на спалните соби, како и на ќебињата, перниците и душеците, а постелнината е испрана. Сите војници се информирани за симптомите на болеста и добија препораки, доколку забележат кожни промени, веднаш да ги пријават и да се консултираат со лекар“, соопштија од Министерството за одбрана.
Шугата во велешката касарна беше регистрирана и во ноември 2019. Тогаш од Министерството за одбрана кажаа дека станувало збор за еден случај, при што војник кој доброволно дошол на служење воен рок ја донел болеста од дома, а не од касарната. Болеста се пренесува преку долготраен телесен контакт, како и преку постелнина, облека или душеци. Станува збор за паразит кој опстојува на телесна температура од околу 37 степени.
Независниот синдикат на професионалните војници (НСПВ), во писмена реакција рече дека појавата на шугата е резултат на лошите услови за живот и работа на војниците и обвини дека Министерството за одбрана инвестира повеќе во опрема отколку во условите за престој.
„Со зголемениот буџет, согласно барањата на НАТО, приоритет треба да бидат условите за работа и човечкиот фактор, а не само набавките на оружје. Залудно е да се инвестира во опрема ако нема кој да ја користи. Се реновираат само просториите на офицерите, а не и објектите во кои професионалните војници живеат и престојуваат 24 часа дневно“, реагираат од НСПВ.
На овие обвинувања, со заедничко писмено соопштение, Армијата и Министерството за одбрана кажаа дека се планирани над 680.000 евра за реновирање на дел од објектите на АРМ.
„Министерството за одбрана и Армијата, предводени од Генералштабот, континуирано работат на унапредување на стандардите и условите за работа, што подразбира комплетно реновирање и реконструкција на објектите во кои функционираат припадниците на Армијата. Само за илустрација, за 2026 и 2027 година се предвидени 41.300.000 денари (над 680.000 евра – н.з.) за реконструкција и санација на објектите, односно за градежно-занаетчиски работи во касарните“, се вели во соопштението.
П. ПЕЧКОВ



