ВЛАДАТА ЌЕ ФОРМИРА ЈАВНО ПРЕТПРИЈАТИЕ ЗА УПРАВУВАЊЕ СО ХИДРОСИСТЕМОТ „ЃАВАТО“ КОЈ ПОВТОРНО ЌЕ СЕ АКТИВИРА

    ВЛАДАТА ЌЕ ФОРМИРА ЈАВНО ПРЕТПРИЈАТИЕ ЗА УПРАВУВАЊЕ СО ХИДРОСИСТЕМОТ „ЃАВАТО“ КОЈ ПОВТОРНО ЌЕ СЕ АКТИВИРАХидросистемот „Ѓавато“ летоска обрасна со трева оти не се одржува. (Фото: СДК.МК)

    Владата на првата наредна седница ќе расправа за хидросистемот „Ѓавато“, кој поради високите сметки за електрична енергија не функционира околу 18 месеци,  соопшти министерката за животна средина Каја Шукова. Таа рече дека се планира и формирање на ново јавно претпријатие кое ќе стопанисува со хидросистемот, кој освен за дотур на вода во Дојранското Езеро ќе се користи и за наводнување на земјоделските површини во општините Дојран и Богданци.

    За активирање на пумпите на „Ѓавато“ притискаа и жителите на Дојран поради опаднатото ниво на Дојранското Езеро, како и земјоделците од Општина Богданци кои од овој систем ги наводнуваа посевите.

    „Со мали зафати и интервенции на хидросистемот ќе има капацитет од 1.000 литри во секунда. Ќе треба негова рехабилитација, ќе треба време да се санира бидејќи во голем дел има проблеми со пумпите, со вентилите, но тоа се технички работи. Како што разговаравме со претседателот на Владата, прво ќе одиме со рехабилитација, формирање на претпријатието и да се пушти конечно во работа после подолг временски период“, рече Шукова.

    Таа кажа дека „Ѓавато“ ќе се користи и за дотур на свежа вода во Дорјанското Езеро и за потрбите на Општина Богданци.

    Со хидросистемот „Ѓавато“ стопанисуваше директно Министерството за животна средина, откако пред 9 години Владата го укина тогашното јавно претпријатие. Пумпите на „Ѓавато“ работеа до февруари 2022, но откако почнаа сметките за потрошена електрична енергија да стасуваат до 330 илјади евра месечно, Министерството одлучи да ги исклучи.

    Овој хидросистем почна да се гради во 2001, откако Дорјанското Езеро го снајде еколошка катастрофа. Со изградба на цевковод со бушотини кај Ѓавато во Богданци цели 20 години се испумпуваа дополнителни количини вода за Дојранското Езеро, при што од системот се полнеше и браната Паљурци.

    В. ТРАЈКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира