Земјоделските здруженија од струмичко инсистираат надлежните да најдат решение за деблокада на исплатата на субвенциите од минатата година. Поради немање нова Влада по последните избори, околу 55 милиони евра стојат неисплатени. На земјоделците парите им се неопходни бидејќи ја отпочнуваат новата сезона.
„Бараме да се деблокира исплатата на субвенциите бидејќи сезоната е во тек. Сакаме да го организираме новото производство, но немаме обртни средства. Потребни се нафта, ѓубрива, семенски материјал и други репроматеријали, но требаат пари. Партиите да најдат заеднички јазик и да ги пуштат субвенциите, оти вака не оди“, истакна Ванчо Митев од здружението „Екоградинар“.
Субвенциите за земјоделството минатата година изнесуваа околу 90 милиони евра, а според платежната агенција, исплатени се околу 35 милиони. Останатите, поради законот за избори, сè до формирање нова влада не може да се исплатат.
,„Сè она што се случува во секојдневната политика влијае и во секторот земјоделство. Затоа упатуваме апел до политичарите во најкраток временски период да се формира Влада и да се организира и реализира исплатата на субвенциите“, кажа Ристо Велков од Сојузот на синдикати на земјоделци.
Министерството за земјоделство подготви предлог за измени на Изборниот законик во делот на роковите за исплата на субвенции за време на избори кои треба да поминат во Собранието кое сè уште не заседава.