Вкупно 12 градежни парцели за изградба на хотели, трговски центри и фабрики ќе се објават на јавно наддавање кон крајот на мај во индустриската зона „Речица“ покрај Куманово. Се работи за четири парцели за лесната и незагадувачка индустрија, две за хотели и шест за големи трговски центри. Почетната цена на земјиштето за изградба на фабрики за лесна индустрија ќе биде 1 евро по метар квадратен, за хотелски комплекс 283 денари од метар квадратен и за големи трговски центри 800 денари од метар квадратен.
Општина Куманово денеска организираше онлајн презентација пред амбасадорите и инвеститори.
„Сакам да истакнам дека има голема заинтересираност од потенцијалните домашни и странски инвеститори за индустриската зона. Оваа презентација требаше да се изврши минатото лето, но коронакризата ги пролонгираше работите. Ние како општина за првпат организираме јавно наддавање на градежни парцели, досега тоа одеше преку Министерството за транспорт и врски и се трудиме да направиме што поголема презентација за да привлечеме што повеќе инвеститори и да ги запознаеме со можностите што ги нуди оваа индустриска зона“, истакна градоначалникот Максим Димитриевски, кој најави дека ова е само прва фаза од продажбата.
Од Секторот за урбанизам објаснија дека парцелите се со различна големина. Најмалата површина е со 5.000 квадратни метри, а најголемата има 13.500 квадрати. Право на учество имаат физички лица и домашни и странски фирми. Купувачите имаат обврска во рок од 10 години да ја изградат фабриката или објектот за основната намена и немаат право да ја продаваат градежната парцела.
Доколку некој понуди најниска цена и се откаже од потпишувањето на договорот, ќе плаќа пенали, му се активира банкарската гаранција и губи право за учество на јавни наддавања.
Во индустриската зона „Речица“ досега се изградени две фабрика: за лесна хемиска индустрија и за производство на марихуана. Зоната е со површина од 65 хектари и се наоѓа на Коридорот 10, на автопатот Куманово-граничен премин Табановце, кај селото Речица.
Индустриската зона „Речица“ на хартија постои десетина години, но безуспешни беа обидите на поранешната локална власт да добие поддршка од претходната влада. Дел од атрактивните парцели беа продадени од Министерството за транспорт и врски, но немаше волја да се развива и да се инвестира во неа. Во истиот период никнаа две диви индустриски зони, во населбите Карпош и Доброшане.
Пред година и пол, Владата обезбеди 20 милиони денари за изградба на пристапните патишта и за водоводна, фекална и атмосферска канализација, со што се создадоа услови за нејзин развој.
С. НИКОЛИЌ