Статистичките показатели на Светската Банка од 2019 година велат дека жените поседуваат 36% од бизнисите во ЕУ, наспроти тоа, жените во Македонија учествуваат со само 29,4% во бизнисот. За подобрување на ваквата состојба, Универзитетот на Југоисточна Европа (УЈИЕ) од Тетово организира конференција насловена „Зајакнување на жените во Северна Македонија: Инклузивност и иновација во претприемништвото“. Конференцијата е дел од проектот за поддршка за вклучување на што повеќе жени во претприемништвото и иновациите.
„Како дел од овој проект, оваа година успешно поддржавме 19 стартапи предводени од жени преку програмата за инкубација насочена кон градење иновативни, одржливи и климатски паметни компании. Она што го прави овој проект уникатен е тоа што поврзува три важни и интерактивни области: родова еднаквост, економски развој преку иновативно претприемништво и климатски паметни решенија“, рече Авни Арифи од Фондацијата на УЈИЕ.
Конференцијата ја организира Фондацијата на УЈИЕ во партнерство Стопанската Комора на Жени и ХЕКИМА, организација од Словачка.
„Жените се исклучително важни понекогаш и потценет дел од општеството па затоа овој проект има за цел жените и ранливите групи да ги вклучи во општеството бидејќи значително придонесуваат за оваа позитивна агенда која ја создаваме“, рече Хенрик Маркус, амбасадор на Словачка.
Ректорот на УЈИЕ, Абдулменаф Беџети смета дека државата е таа која треба да ги гради основите за да има жени претприемачи.
„Што треба да се прави, државата треба повеќе да инвестира во создавање на услови за да ја ослободи женската активна популација за да може да се занимава со ова. Значи ние немаме градинки соодветни во рурални средини, ние немаме геронтолошки центри кои што ќе се грижат за старите за немоќните лица. Кога ќе има, на тој начин ќе се ослободи женското население да бидат активно на пазарот на трудот“, кажа Абдулменаф Беџети.
З. АНДОНОВ